• вторник, 24 декември 2024

Народна банка: ЕЦБ ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата за уште една година

Народна банка: ЕЦБ ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата за уште една година

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Народната банка денеска соопшти дека на нејзино барање, Европската централна банка (ЕЦБ) донела одлука со која ја продолжила можноста за пристап до репо-линијата во вредност од 400 милиони евра, до 31 јануари 2025 година.

- Ако се употреби, репо–линијата обезбедува брза достапност до девизна ликвидност и претставува уште еден заштитен слој за гарантирање на стабилноста на курсот на домашната валута. Репо-линијата може да ги задоволи можните потреби за ликвидност во време на зголемени геополитички несигурности и нивните потенцијални ризици за глобалната економија и финансиските пазари, се вели во соопштението.

Од централната банка информираат дека домашните девизни резерви, коишто се главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, се на историски највисокото ниво.

- Со постојаното одобрување на репо-линијата, Европската централна банка им дава значајна поддршка на политиките на стабилност коишто ги спроведува Народната банка, се наведува во соопштението.

Народната банка доби можност за пристап до репо-линијата на почетокот на кризата предизвикана од Ковид-19 во 2020 година, кога ЕЦБ им дозволи пристап до овој инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се спречат преносните ефекти врз финансиските пазари и економиите во еврозоната и да се ублажат негативните ефекти од пандемијата. бак/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан