Над илјада тони хуманитарна помош од Кипар пристигна во Газа
- Хуманитарната помош од 1.200 тони, што пред нешто помалку од 20 дена тргна по морски пат, со брод, од кипарското пристаниште во Лимасол, пристигна во Газа, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 5 септември 2025 (МИА) – Хуманитарната помош од 1.200 тони, што пред нешто помалку од 20 дена тргна по морски пат, со брод, од кипарското пристаниште во Лимасол, пристигна во Газа, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Кипар преку Икс информираа дека хуманитарната помош пристигна во координација со КОГАТ, односно израелската служба при Министерството за одбрана, надлежна за цивилната координација во палестинските територии, а меѓународната хуманитарна организација Светска централна кујна (World Central Kitchen-WCK) е задолжена за готвење и дистрибуција на топли оброци.
Од WCK, исто така преку Икс информираа дека помошта што вклучува брашно, тестенини и бебешка формула, ќе им помогне на нивните тимови да работат кон нивната цел за еден милион оброци дневно во Газа.
#Amalthea🇨🇾
— Cyprus MFA (@CyprusMFA) September 4, 2025
1,200 tons of humanitarian aid has arrived in Gaza in coordination with @cogatonline. In partnership with @mofauae and others, with @UNOPS under the UN2720 mechanism, and with @WCKitchen cooking and distributing, today marks the first day the aid has been used to… pic.twitter.com/B7frLIyL5H
Хуманитарната помош од 1.200 тони беше испратена во Газа во рамките на кипарската иницијатива „Амалтиа“ – поморски коридор предводен од Република Кипар, поддржан од меѓународни партнери за справување со хуманитарната криза во Газа.
- Помошта, што вклучува прехранбени производи, особено за исхрана на деца, потекнува од Кипар (700 тони) преку организацијата „CyprusAid“ на Министерството за надворешни работи, додека 500 тони се донација од Владата на Малта, како и од меѓународни хуманитарни организации со седиште во САД, Италија, Малта и Кувајт. Во целокупниот напор, клучна е поддршката на Владата на Обединетите Арапски Емирати, соопштија од кипарското МНР на 19 август кога бродот со хуманитарна помош отплови од Лимасол кон Газа.
Кипарската иницијатива „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за Газа беше воведена на средината на март минатата година со испраќање бродови со помош од Кипар за Газа. ср/ссм/
Фото/Видео: Министерството за надворешни работи на Кипар