• вторник, 26 ноември 2024
На денешен ден
20 октомври 2021 (МИА)   - Светски ден на авиоконтролорите 1632.- Роден е англискиот архитект Кристофер Рен, основач на Кралското друштво во Лондон (Академија на науките) и прв претседател од 1680 до 1682 година. Проектирал голем број зданија по катастрофалниот пожар во Лондон во 1666 година, вклучувајќи 53 цркви, меѓу кои и монументалната катедрала „Свети Павле“. 1728.- Пожар уништил поголем дел од Копенхаген. 1784.- Роден е англискиот државник Хенри Џон Темпл, познат како лорд Палмерстон, двапати премиер помеѓу 1855 и 1865 година. Ја организирал „Опиумската војна“ против Кина и Кримската воја против Русија и бил иницијатор на задушување на антиколонијалното востание во Индија и Кина. 1827.- Во поморската битка кај Наварина во текот на грчката војна за ослободување, руските, британските и француските бродови ги уништиле турската и египетската флота. 1854.- Роден е Артур Рембо, француски поет. Уште млад станал славен, а на 17 години ја напишал познатата поема „Пијаниот брод“. Во дваесеттата година престанал да пишува, посветувајќи и се на трговијата, и на тој начин минал низ литературата како „метеор“, оставајќи во наследство дело што ги навести симболизмот и надреализмот. Умрел на 10 ноември 1891 година. 1875.- Во селото Горно Броди, Серско, Егејска Македонија, е роден Димо Хаџи Димов, најборбен и најсестран идеолог и теоретичар на автентичното македонско национално ослободително движење, близок соработник на Гоце Делчев, на Јане Сандански и на други истакнати македонски револуционери. Во Софија, по порачка на бугарскиот двор, сред бел ден, терористот Владо Черноземски го застрелал на 13 септември 1924 година. 1884.- Роден е американскиот филмски актер од унгарско потекло Бела Блашко, познат како Бела Лугоси, толкувач на голем број улоги на Дракула во филмовите на стравот, но се покажал и како врвен комичар. Филмови: „Тринаесетта столица“, „Дракула“, „Убиство во улицата Морж“, „Бакнеж на смртта“, „Остров на изгубените души“, „Црна мачка“, „Знакот на вампирите“, „Куќата на Дракула“, „Франкештајнов син“, „Горила“. 1887.- Светскиот научник Никола Тесла ги пријавил своите први пронајдоци. Тоа бил почетокот на револуцијата во електротехниката. Заштитата на своите патенти ја добил во следната 1888 година. 1890.- Умрел англискиот истражувач, писател, преведувач и дипломат Ричард Бартон, прв Европјанин кој предводејќи ја експедицијата со Џон Хаминг Спик, во 1858 година го видел езерото Тангањика во Африка. Бил во воената служба во Индија и британски конзул во Бразил, Сирија и Италија. 1891.- Роден е англискиот физичар Џејмс Чедвик, добитник на Нобеловата награда за физика во 1935 година. Во 1932 година го открил неутронот. Во Втората светска војна како главен британски инструктор од 1943 до 1945 година работел на „Менхетен проектот“ за развој на атомската бомба во Лос Аламос, САД. 1915.- Во селото Игуменец (Гега), Пиринска Македонија, е роден Антон Попов, македонски револуцонер, публицист, писател, познат комунистички активист и учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Го стрелале фашистичките власти во Софија, на 23 јули 1942 година. 1924.- Пуштена била во сообраќај железничката линија меѓу Велес и Штип. 1941.- Пред силната офанзива на германските армии, советската влада прогласила опсадна состојба во Москва. Тоа бил најкритичниот момент во текот на нападот на нацистичките трупи врз главниот советски град, но подоцна, по успешната контраофанзива на Црвената армија, дошло до пресврт. 1943.- Во селото Д`мбени, Костурско, бил одржан основачкиот состанок за формирање на организацијата Славјано-македонски националослободителен фронт (СНОФ) во Костурско. 1945.- Египет, Сирија, Ирак и Либан ги предупредиле САД дека со создавање на еврејска држава може да дојде до војна. Истиот ден арапските земји формирале организација за борба против ционизмот - Арапска лига. 1950.- Умрел американскиот политичар Хенри Луис Стимсон, министер за труд на САД од 1911 до 1913 и од 1940 до 1945 година, идеен творец на најголемиот поединечен воен злочин во историјата на човештвото. На негова препорака претседателот на САД Хари Труман одлучил во август 1945 година да биде фрлена атомската бомба врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, иако Јапонија веќе била поразена во Втората светска војна. 1971.- Вили Брант, канцеларот на Западна Германија ја добил Нобеловата награда за мир. 1991.- Во земјотресот на индиската страна на Хималаите загинаа повеќе од 340 луѓе и беа разорени десетици илјади куќи. 1994.- Амбасадорот на Република Македонија во Руската федерација, Гане Тодоровски, на свечената церемонија во Кремљ, му ги предал акредитивите на претседателот Елцин. „Не се разочаравме што ве признавме под името Македонија“, изјавил Елцин. 1995.- Белгискиот политичар Вили Клас поднесОЛ оставка на функцијата генерален секретар на НАТО поради вмешаност во корупциски афери. 1997.- Бројна владино-стопанска делегација на Руската делегација, предводена од вицепремиерот и министер за стопанство, Јаков Уринсон, престојувала во Македонија, за да го поттикне заживувањето на стопанската соработка меѓу двете земји. 2003.- Починал Ѓоко Георгиев, водителот на првите контактни емисии на Македонското радио „Три гонга“ и „Средби низ музика“. Тој ќе остане запаметен и како автор на стотици текстови за поп-музика, и соработник-новинар во „Нова Македонија“, „Вечер“, „Журнал“ и „Екран“. Роден бил во 1926 година. 2003.- Во Белград починал српскиот актер и комичар Миодраг Петровиќ - Чкаља. Тој бил познат по своите улоги во театарски претстави, во повеќе од 25 филмови и 32 хумористични телевизиски серии меѓу кои најпознати се „Музеј на восочните фигури“, „Сервисна станица“, „Сачулатац“ и сериите „Камионџии“, „Жежок ветер“ и „Подобар живот“. Роден бил на 1 април 1924 година во Крушевац. 2004.- Во Прилеп умрел Благоја Ристевски - Платнар, македонски писател и новинар. Познати се неговите драмски текстови - „Карцинома мамае“, „Спиро Црне“, „Арсениј“, „Летни Силјане“, „Лепа Ангелина“ и „Венко“. Роден бил во Прилеп, на 5 март 1949 година. 2011.- Убиен бил соборениот либиски лидер Моамер Гадафи. Претходно поранешниот лидер бил заробен и ранет во двете нозе. Заедно со Гадафи биле заробени и неговиот син, поранешниот шеф на силите за безбедност, шефот на либиското разузнавање и портпаролот. За време на нападот врз Гадафи бил убиен и министерот за одбрана на поранешниот режим Абу Бакр Јунис. 2013.- Во Белград починала вдовицата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, Јованка Броз. Таа била родена во 1924 година, а во 1952 година се омажила за Јосип Броз Тито со кого живеела до неговата смрт во 1980 година. Јованка Броз по смртта на Тито живеела во скромни услови во белградската населба Дедиње. Вдовицата на Тито ретко се појавувала во медиумите, а во последните месеци големо внимание привлекла нејзината медиумска исповед. 2015.- Во 87 година од животот починал професор Драган Хаџиевски еден од основачите на сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Хаџиевски бил редовен професор на ПМФ, член на Меѓународната асоцијација за сеизмологија, Европската комисија за сеизмологија, Здружението на сеизмолози на Македонија, делегат во Заедницата за сеизмологија на СФРЈ, уредник на домашни и странски списанија од геофизика и физика. Речиси целиот работен век го поминал во првата сеизмолошка институција во Република Македонија, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, основана уште во 1957 година. Тој е вториот управник на оваа институција, должност што ја обавувал од 1961 година до пензионирањето во 1988 година. За својата научна и стручна работа добил „Орден на трудот со златен венец од претседателот на СФРЈ“ (1979 година), „Орден заслуги за народ со сребрени зраци од Претседателството на СФРЈ“ (1989 година), награда „13 Ноември“ на град Скопје и други признанија. ###

Остани поврзан