• петок, 20 декември 2024
На денешен ден
13 ноември 2022 (МИА)   354.- Роден е Свети Аврелиј Августин, епископ во римска северна Африка, најпознат претставник на раните христијански мисли. Негови најзначајни дела се „Исповеди“ и „За државата Божја“. 1093.- Умрел шкотскиот крал Малколм III во текот на петтиот безуспешен обид да ја покори Англија. На власт дошол во 1057 година, кога во битка го убил кралот Макбет, одмаздувајќи се за убиството на својот татко, кралот Данкан I во 1040 година. 1312.- Роден е англискиот крал Едвард III. Toj во текот на владеењето од 1327 до 1377 година ја освоил Шкотска. Ја предизвикал Стогодишната војна со Франција кога во 1340 година се прогласил и за нејзин крал. 1730.- Роден е Александар Василевич Суворов, најславен руски војсководец, генерал и еден од најголемите војсководци во 18. век. Познати се неговите победи во руско-турските војни (1768 до 1774 и 1787 до 1791 година), потиснувањето на Французите од Северна Италија, а се прославил и со походот во Швајцарија преку Алпите, во 1799 година. Умрел на 18 мај 1800 година. 1850.- Роден е англискиот писател Роберт Луис Стивенсон. Зазема видно место во англиската литература како есеист, раскажувач, романсиер и патописец. Умре во 1894 година. 1868.- Умрел италијанскиот композитор Џоакино Антонио Росини, автор на 39 опери. Компонирал во романтичарски стил, духовито, спонтано и оригинално. Дела: оперите „Севилскиот бербер“, „Вилејм Тел“, „Танкреди“, „Отело“ и други. 1882.- Во Кавадарци е роден македонскиот револуционер и војвода Добри Даскалов. Бил борец во четите на Јане Сандански и на Христо Чернопеев, делегат на Солунскиот конгрес на ТМОРО-1903 година, учесник во Илинденското востание-1903 година, учесник на Прилепскиот подвижен конгрес на ТМОРО-1904 година, на Рилскиот конгрес на ТМОРО-1905 година, член на Народната федеративна партија и член на нејзиното централно раководство. Подмолно бил убиен во Кавадарци на 20 јуни 1912 година. 1903.- Во Париз умрел Камиј Писаро, француски сликар, еден од главните претставници на импресионизмот, кој извршил големо влијание врз европското сликарство. Роден бил на 10 јули 1830 година. 1904.- Во селото Зеленич, Леринско, за време на свадбата на свештеникот Ѓорѓи, 60-70 грчки андарти го нападнале селото и убиле 13 мажи, жени и деца, само затоа што жителите се откажале од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија и ја прифатиле Егзархијата. Овој масакар, познат како „Зеленичка крвава свадба“, е едно од најголемите злосторства на грчките андарти во Македонија. 1912.- Роден е францускиот писател од романско потекло Ежен Јонеско, член на Француската академија. Дела: „Ќелавата пејачка“, „Лекција“, „Столици“, „Жртви на должноста“, „Макбет“, „Носорог“, „Убиец без плата“, „Црно и бело“ и други. 1915.- Во Бакар, Хрватска, е роден Станко Липша, оперски пејач, повеќе од три децении носител на баритонскиот репертоар на Операта при Македонскиот народен театар и долгогодишен вокален педагог. Дебитирал со ликот на Ескамилио во „Кармен“, а последен пат на сцената настапил како Амонасро во „Аида“. Умрел во Скопје, на 17 јануари 1986 година. 1944.- Четириесет и втората дивизија на НОВ на Македонија, во содејство со Шеснаесеттата македонска бригада на Кумановската дивизија на НОВ на Македонија и со помош на вооруженото население, го ослободиле Скопје и со брзо дејство го спречиле уривањето на мостовите на реката Вардар и на хидроцентралата „Матка“. 1945.- Ахмет Сукарно станал претседател на Индонезија. 1945.- Францускиот генерал Шарл де Гол со сите 555 гласа од пратениците бил избран за претседател на привремената влада, по што формирал коалициски кабинет во кој влегле и пет комунисти. 1956.- Врховниот суд на САД пресудил дека расната сегрегација во јавните автобуси е неуставна. 1970.- Со воен удар без пролевање крв, Хафез ел Асад ја презел власта во Сирија. 1971.- Во Скопје, на Кале, била отворена новата зграда на Музејот на современа уметност, подарок од Владата на Полска во рамките на солидарната меѓународна помош по земјотресот во Скопје, во 1963 година. 1974.- Умре Виторио де Сика, познат италијански филмски режисер и актер, еден од основачите на неореалистичкиот правец. Создал низа успешни актерски и режисерски креации во многу филмови, од кои најпознати се „Чистач на чевли“, „Крадци на велосипеди“, „Станицата Термини“, „Чочара“ и други. Роден бил во Рим во 1902 година. 1980.- Американскиот вселински брод „Војаџер I“ ги испратил првите снимки на Сатурн направени од близина. 1981.- Претседателот на Собранието на Скопје, Методи Антов, со кревањето на отправничката палка и поаѓањето на свечениот воз во обиколка на скопскиот железнички јазол, го предал во употреба новиот Транспортен центар во Скопје. 1985.- Во ерупција на вулканот Невадо дел Роус во Централна Колумбија разорен бил градот Армеро и загинале повеќе од 25.000 луѓе. 1994.- На референдум 52,2 отсто од Швеѓаните изгласале влез на земјата во Европската унија. 1995.- Израелските трупи по 28 години окупација го напуштиле Џенин, првиот град на Западниот Брег предаден на Палестинците во согласност со мировниот договор меѓу Израел и ПЛО. 1996.- Во Битола умрел Михајло Џима, македонски новинар. Роден бил во Битола, во 1938 година. 1997.- Петнаесет земји меѓу кои и Република Македонија, ја потпишаа Европската конвенција за националностите. 1999.- Британскиот боксер Ленокс Луис со победата над американскиот боксер Ивандер Холифилд станал првиот боксер во 20. век, кој бил роден во Велика Британија а кој ја освоил титулата првак на светот во тешка катеторија. 2001.- На патот Прилеп - Велес, кај месноста Каменолом, во сообраќајна несреќа загина Ѓорѓи Котевски, пратеник во Собранието на Република Македонија, новинар и писател. Роден бил во селото Логоварди, Битолско, на 24 февруари 1950 година. 2002.- Конгресот на владејачката Комунистичка партија во Кина потврдил дека Џанг Цемин ја напушта функцијата на генерален секретар, со што бил расчистен патот за новата генерација на предводници на најбројната населена земја во светот. 2003.- Претседателот на Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ при посетата на Сараево, упатил извинување до сите граѓани на Босна и Херцеговина заради сите несреќи кои ги доживеале во текот на војната и ги повикал народите на двете земји на помирување. 2006.- На референдумот во Јужна Осетија 90 отсто од тие кои гласаа се изјасниле за независност на Грузија. Западните официјални лица, референдумот кој бил спроведен во Јужна Осетија не го сметале за легален, додека Русија сметала дека неговите резултати мора да се уважат. 2014.- Во болницата Сант Жирон во Ариеж во Франција на возраст од 86 години починал Александар Гротхендик, кој бил сметан за еден од најголемите математичари на 20-от век. На Александар Гротхендик во 1966 година му била доделена наградата Фиелдс, еквивалентна на Нобелова награда за математика, но одбил да ја прими во Москва од политички причини. Во 1988 година кога заминал во пензија, ја добил наградата Крафорд, дотирана со голема парична награда која исто така ја одбил. Во 1990 целосно се повлекол. Скаран со своите најблиски, семејството и научната заедница се преселил во едно мало село, чие име го криел, скаран исто така со своите соседи, останал отцепен од светот до крајот на својот живот. На својот универзитет во Монтпелје му имал доверено околу 20.000 страници од своите трудови, кои не се објавени и кои засега никој не се осмелил да ги отвори. 2020.- Почина Бојо Андрески, основач и сопственик на првиот приватен универзитет во Македонија, „Европски универзитет”. Андревски беше сопственик и на весникот „Вечер“ и основач на Универзитетски центар за стоматологија. Беше лидер на Партијата на правдата.   ###

Остани поврзан