• сабота, 28 декември 2024
На денешен ден
30 јануари 2021 (МИА) 1649.- На англискиот крал Чарлс Први Стјуард, чие авторитарно владетелство предизвикало граѓанска војна, му била отсечена главата врз основа на пресудата на револуционерниот суд. Образложението било дека тој е виновен за предавство - односно водел тајни преговори со Шкотите. Под притисок, тој во 1628 година објавил „Петиција за правата“, гарантирајќи ги правата на Парламентот како и личната слобода на граѓаните, но таа обврска не ја почитувал. 1835.- Претседателот на САД Ендрју Џексон го преживеал првиот атентат што бил направен врз шеф на држава во американската историја. 1882.- Роден е Франклин Делано Рузвелт, претседател на САД, кој на должноста бил избиран четири пати. Популарноста ја добил со својата политика со која успеал да ја ублажи големата економска криза во земјата. Кога избувнала Втората светска војна застанал на страната на сојузниците, а по влегувањето во војната целиот индустриски потенцијал го потчинил на потребите на војната против силите на Оската. Умрел на 12 април 1945 година. 1889.- Австроунгарскиот престолонаследник надвојводата Франц Карл Јозеф Рудолф Хабзбург и неговата 17-годишна љубовница баронката Марија Вечера извршиле самоубиство во царската ловечка куќа во Мајерлинг. 1909.- Во Гостивар е роден академикот Харалампие Поленаковиќ, еден од основоположниците на историјата на македонската литература, истакнат македонски научен и културен работник, долгогодишен редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје и еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Неговиот научен опус опфаќа повеќе од 1.000 библиографски единици. Умрел во Скопје, на 15 февруари 1984 година. 1927.- Роден е шведскиот државник Улоф Палме, шеф на владата и на Социјалдемократската работничка партија. Улоф Палме одлучно се противел на воената интервенција на САД во Виетнам. Од 1980 година ја водел независната меѓународна комисија за унапредување на процесот на разоружување. 1933.- Претседателот на Германија фелдмаршалот Паул фон Хинденбург за канцелар го наименувал Адолф Хитлер. Со тоа го отворил патот на нацистичката диктатура и масовни злосторства во Втората светска војна. 1937.- Роден е рускиот велемајстор Борис Васиљевич Спаски, светски шаховски првак од 1969 до 1972 годна. Титулата светски првак во шах ја загубил во мечот со велемајсторот Боби Фишер во 1972 година, во Рејкјавик. 1937.- Родена е англиската театарска и филмска актерка Ванеса Редгрејв. Филмови: „Морган“, „Морнарот од Гибралтар“, „Исидора Данкин“, „Ѓаволи“, „Марија кралицата на Шкотска“, „Убиство во Ориент експрес“, „Џулија“ (Оскар“, „Агата“, „Вагнер“, „Бостонци“. 1943.- Британското воено воздухопловство во Втората светска војна го почнало првото деноноќно бомбардирање на Берлин. 1948.- Во Њу Делхи е извршен атентат врз Махатма Ганди, водач на индиското ослободително движење. Ганди, наречен Махатма (големата душа) ги пропагирал ненасилните методи за национално ослободување и поради тоа станал симбол на борбата на народите на Индија за независност. Роден бил на 2 октомври 1869 година. 1948.- Умрел американскиот пилот и конструктор на авиони Орвил Рајт, пионер во авијацијата, кој во 1903 година заедно со својот брат Вилбур, со авионот кој тие го направиле, го извеле првиот лет во историјата на воздухопловството. Летот траел 59 секунди, а авионот прелетал 285 метри. Во 1909 година ја основале „Америкен Рајт компани“ за производство на авиони и истата година на војската на САД и го испорачале првиот борбен авион „Сигнал Корпс I“. 1951.- Во Битола умрел Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори, наречени „гемиџии“, крунски сведок што останал да раскажува за тоа што се случувало во Солун во 1903 година. Неговиот живот е мошне бурен и мачен. Бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада. Поради несогласувањето со повоената политика на СФРЈ, бил отстранет од политичката сцена. Роден е во Кратово, на 15 јули 1882 година. 1964.- Во Советскиот Сојуз за првпат во историјата на космонаутиката со една ракета биле лансирани сателити во различни орбити - „Електрон 1“ и „Електрон 2“. 1967.- Папата Павле Шести се сретнал со претседателот на Президиумот на Врховниот совет на Советскиот Сојуз Николај Подгорни, првиот шеф на советската држава кој го посетил Ватикан. 1972.- Пакистан го напуштил Комонвлетот во знак на протест поради одлуката Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд да го признаат Бангладеш (поранешен Источен Пакистан). 1983.- Умрел Лав Лозански, еден од основачите на Природноматематичкиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и познат научен работник во областа на физиолошката наука. Роден бил во Полска, во 1911 година. 1996.- Како прилог на весникот "Вечер" излегол првиот број на весникот "Занаетчија", гласило на Здружението на занаетчиски и други самостојни стопанственици на град Скопје - Стопанска комора на Македонија. 2005.- Во Ирак биле одржани избори за националното собрание - први слободни избори во последните 50 години. 2007.- Во борбите покрај ирачкиот свет град Наџаф биле убиени 236 бунтовници додека преку 500 биле заробени во еден од најжестоките судири од почетокот на американската инвазија врз Ирак во 2003 година. 2007.- Во калифорнискиот град Ранчо Мираж, умрел Сидни Шелдон, американски писател, еден од најчитаните автори во светот на сите времиња. Познати му се делата „Се плашиш ли од мракот“, „Гневот на ангелите“, „Господар на играта“ и други. Роден бил во Чикаго, на 11 февруари 1917 година. 2015.- На 79-годишна возраст умрел првиот демократски избран претседател на Бугарија, Жељу Желев. На 1 август 1990 година Народното собрание го избрало за претседател на Бугарија. Во јануари 1992 година бил реизбран на функцијата на првите директни претседателски избори во Бугарија. Претседателската должност ја извршувал до јануари 1997 година. Тој раководел и со фондацијата „Д-р Жељу Желев“, а бил и коосновач и претседател на Балканскиот политички клуб. Желев е носител на највисокото државно одличје на Бугарија, орденот „Стара Планина“ од прв степен, како и на поголем број академски и државни награди. Желев бил роден на 3 март 1935 година во селото Веселиново кај Шумен. ###

Остани поврзан