• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
9 јуни 2022 (МИА)   68.- Римскиот император Нерон извршил самоубиство по ерупцијата на народното незадоволство. Тој ја презел власта по смртта на царот Клавдиј и во почетокот бил под влијание на својот учител, филозофот Сенека. Во 64 година избувнал пожар во Рим, за кој се смета дека го подметнал Нерон. 1661.- Роден е рускиот цар Фјодор Трети Алексеевич Романов кого по смртта во 1682 го наследил неговиот полубрат Петар Велики. Фјодор Трети Алексеевич Романов станал цар во 1676 година. Бидејќи бил малолетен и болежлив, тој не бил во состојба самостојно да владее. Тогаш со земјата управувале неговите вујковци. Во текот на неговото владеење Русија ја зацврстила власта на огромните новоосвоени територии во Сибир и источна Украина, а бил овозможен и развојот на занаетите, рударството и трговијата. 1672.- Роден е рускиот цар Петар Први Алексеевич Романов, наречен Петар Велики, кој во текот на владеењето од 1682 до смртта во 1725 година, руската држава ја подигнал на ранг на светска сила од прв ред. Бил прогласен за цар уште како дете, а власта ја презел во 1689 година. Се покажал како добар војсководец кога на двапати војувал со Османското царство. По победата над Шведска, на Русија и обезбедил излез на Балтичкото Море, а со победата над Прусија обезбедил излез и на западните и на јужните брегови на Каспиското Море. 1781.- Роден е англискиот инженер и пронаоѓач Џорџ Стивнесон, „таткото на железницата“, кој во 1814 година ја конструирал првата употреблива парна локомотива. Во 1825 година ја проектирал првата јавна железничка пруга Стоктон - Дарлингтон и ги вовел челичните шини наместо дрвените, а во 1829 година ја изградил и пругата Ливерпул - Манчестер, на која неговата локомотива „Рокит“ постигнала тогаш рекордна брзина од 56 километри на час. Во Њукастл во 1823 година ја основал првата фабрика за локомотиви. 1870.- Умрел англискиот писател Чарлс Џон Хафем Дикенс, основач на социјалниот роман, типичен претставник на реализмот. Напишал 20-ина романи. Дела: „Дејвид Коперфилд“, „Оливер Твист“, „Пиквиков клуб“, „Малата Дорит“, „Николас Никлби“, „Големите очекувања“... 1898.- Со договорот меѓу Лондон и Пекинг, Кина на Велика Британија и го отстапила Хонгконг на 99 години. (Британскиот назив на Хонгконг бил Викторија). 1928.- Медицинскиот гласник на Британската кралска академија објавил дека микробиологот Александар Флеминг го пронашол првиот пеницилински антибиотик, кој набрзо почнал масовно да се употребува за спречување на инфекции. Флеминг, Флори и Чејн во 1954 година ја поделиле Нобеловата награда за медицина. 1945.- Југославија со Велика Британија и САД постигнала договор со кој слободната зона Трст била поделена на две окупациски зони - „А“ и „Б“. Првата потпаднала под сојузничката, а втората под југословенската воена управа. 1967.- Египетскиот претседател Гамел Абдел Насер еден ден пред завршувањето на шестдневната Израелско-арапска војна поднесол оставка поради понижувачкиот воен пораз на Египет, но подоцна на референдум Египјаните гласале да остане шеф на државата. 1974.- Во Мадрид умрел Мигел Анхел Астуријас, гватемалски писател. Неговите дела имаат социјална обоеност зашто во нив ги прикажува тешките општествени и економски проблеми во својата земја. Најзначајни негови дела се „Господинот претседател“, „Пченкарни луѓе“, „Бананска трилогија“ и други. Во 1967 година ја добил Нобеловата награда за литература за впечатливото и со висок поетски стил изнесување на националните црти и традиции на латиноамериканските индијански јазици. Роден бил во Сиудат Мексико, на 19 октомври 1899 година. 1991.- Американците ја почнале евакуацијата на воздухопловната база на Филипините која била загрозена од силна ерупција на вулканот на блиската планина Пинатубо. Вулканот бил во мирување 600 години. Благодарение на навременото предупредување, бројот на загинатите Филипинци не бил поголем од стотина, додека 250.000 луѓе останале без покрив над главата. 1998.- Последниот американски астронаут го напушти „Мир“ со што завршила руско-американската соработка на оваа руска вселенска станица. 1999.- Во кампот на француската бригада на НАТО на спортскиот аеродром „Аџитепе“ кај Куманово, по петдневни преговори, југословенските и НАТО генералите го потпишале Воено-техничкиот договор за повлекување на југословенските воени и безбедносни сили од јужната српска покраина Косово.   ###

Остани поврзан