• вторник, 26 ноември 2024
На денешен ден
26 јули 2022 (МИА)   1847.- Африканската држава Либерија била прогласена за независна република. Уште во 1820 година Либерија ја основале ослободените црни робови, преселени од САД на просторот меѓу Сиера Леоне, Гвинеја и Брегот на Слоновата Коска. 1856.- Во Даблин е роден Џорџ Бернард Шо, британски писател, романсиер, музички и драмски критичар и автор на драми кои му донесоа репутација на најдуховит драматург во 20. век. Негови познати дела се драмите „Света Ивана“, „Кандида“, „Занаетот на госпоѓа Ворн“, „Мајорот Барбара“ и други дела. Во 1925 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Хартфоршир, на 2 ноември 1950 година. 1858.- Лионел Ротшилд станал првиот Евреин, член на Долниот Дом на британскиот Парламент. 1875.- Роден е швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг. Бил необично плоден и сестран автор, според многумина еден од најзначјаните умови во 20. век. Дела: „Психолошки типови“, „Психологија и религија“, „Симболика на духот“, „Студија за архетипови“, „Алхемиски студии“, „Mysterium coniunctionis“, „Симболи на преобразување“. 1894.- Роден е англискиот писател Олдос Хаксли, ироничен и духовит набљудувач на супериорното образование, скептик. Дела: романите „Јалово лисје“, „Контрапункт на животот“, „По многу лета“, „Времето мора да застане“, збирки раскази - „Малиот Мексиканец“, „Две, или три грации“, есеи и студии - „Музика во ноќта“, „Вечна филозофија“, „Наука, слобода и мир“. 1922.- Роден е американскиот филмски режисер Блејк Едвард, кој најмногу се истакнал како автор на „црни комедии“, полни со хумор, цинизам и деструкции. Филмови: „Појадок кај Тифани“, „Експеримент во теророт“, „Што правеше во војната, тато?“, „Пинк Пантер“, „Дарлинг Лили“, „Враќањето на Пинк Пантер“, „Виктор, Викторија“, „Човекот кој ги сакаше жените“. 1926.- Во Софија, умрел Крсте Петков Мисирков, македонски национален деец, филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, дипломат, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Се школувал во соседните земји и во Русија. Тоа му овозможувало да ги согледа стремежите на соседните земји кон Македонија и македонскиот народ, но и да ги согледа патиштата за национална слобода на македонскиот народ. Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, негово фундаментално дело, во кое се истакнува посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Роден бил во Постол, Ениџе-Вардарско, Егејска Македонија, на 18 ноември 1874 година. 1928.- Роден е американскиот филмски режисер Стенли Кјубрик, контроверзен автор, со особен стил. Филмови: „Пеколниот портокал“, „Д-р Стрејнџлав“, „Спартак“, „Убивање“, „Патеки на славата“, „Лолита“, „Бери Линдон“, „Широко затворени очи“. 1943.- Роден е англискиот музичар Мик Џегер, основач и пејач на рок групата „Ролингстоунс“. 1946.- Со пресуда на прекиот воен суд на Ениџе-Вардарско, грчките монархофашисти ја стрелале Мирка Гинова (заедно со уште шестмина другари) истакнат раководител на движењето на отпорот против фашизмот, македонска учителка и партизанка. Таа била првата жена осудена на смрт од еден грчки воен суд, чија пресуда и егзекуција своевремено предизвикала широки протести во прогресивната меѓународна јавност. Нејзината херојска смрт е опеана во повеќе македонски народни песни, а напредната грчка поетеса Рита Буми Папа, во својата книга „Илјада стрелани девојки“ посвети посебни стихови за смртта на Мирка Гинова. Таа беше член на Воденскиот окружен комитет на НОФ за Егејска Македонија, прва секретарка на АФЖ на Вардарскиот округ и член на КП на Грција. Родена била во селото Русилово, Воденско, во 1916 година. 1952.- Умрела Ева „Евита“ Перон во тој момент несомнено најпопуларна личност во Аргентина, 33-годишна сопруга на претседателот Хуан Перон. 1963.- Катастрофален земјотрес го разурнал главниот град на Република Македонија - Скопје. Во земјотресот загинале 1.070 луѓе, 2.900 биле повредени, а бил уништен или оштетен голем дел од станбениот фонд. Веста за земјотресот што го погодил Скопје брзо се раширила низ целиот свет кој покажал голема солидарност. 1965.- Малдивските острови во Индискиот Океан - британски протекторат од 1887 година, добиле независност. 1984.- Умрел американскиот статистичар Џорџ Хорас Галуп, директор на „Галуповиот институт“ за испитување на јавното мислење што го основал во 1935 година. 1993.- Во Скопје умрел Ацо Ѓорчев, познат македонски актер. Своите најзначајни остварувања ги постигнал на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Роден бил во Неготино, на 19 септември 1933 година. 1996.- Република Македонија станала потписничка на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства и потписничка на повелбата на Советот на Европа за регионални или малцински јазици. 1996.- Република Македонија и Европската унија потпишале рамковна спогодба за соработка на Република Македонија со Европската унија. 1996.- Пристигнал Кристофер Хил, првиот американски амбасадор во Република Македонија. 2006.- Министрите за надворешни работи во Рим на конференција за либанската криза се согласиле да формираат меѓународни сили со мандат од страна на Обединетите нации за да се врати мирот во Либан. 2018.- На 93-годишна возраст почина првоборецот и носител на партизанска споменица од 1941 година Тодор Атанасовски, генерал полковник во пензија, соопшти Генералштабот на Армијата на Република Македонија, кој изрази жалење и сочувство кон семејството. Тодор Атанасовски бил борец и раководител на борбените партизански одреди за време на Народно Ослободителната Војна, а во поствоениот период, бил редовно унапредуван во повисок чин, согласно неговите професионални дејности и согласно неговите заслуги како припадник на воените структури во борбата против фашизмот во Втората светска војна. Во текот на неговата воена кариера до неговото пензионирање во 1985 година, извршувал повеќе високи воени должности меѓу кои последните негови највисоки должности: началник на Главниот штаб на Народна одбрана на СР. Македонија (1974 - 1982) и командант на Републички штаб за територијална одбрана на СР. Македонија (1982 - 1985). Во пензионерските години генералот Тодор Атанасовски остана активен допринесувач во полето на одбраната како претседателот на Сојузот на борците на Македонија. ###

Остани поврзан