• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
2 јули 2021 (МИА)   1489.- Роден е англискиот свештеник Томас Кренмер, еден од водачите на верските реформи во 16 век во Англија. Вовел литургија на англиски јазик и го составил „Општиот молитвеник“ на англиски јазик. 1566.- Умрел францускиот астролог Нострадамус, најпознатиот пророк во историјата на човештвото, личен лекар на францускиот крал Шарл Деветти. Ја напишал книгата „Пророштво“ во која, најчесто на таинствен и нејасен начин, ја предвидувал иднината. 1644.- Во битката кај Марстон Мур монархистите го доживеале првиот голем пораз од страна на следбениците на парламентот во граѓанската војна во Англија. 1714.- Во Ербах, Баварија, е роден Кристоф Вилибалд Глук, германски композитор, диригент и оперски реформатор. Подолго време живеел во Париз, каде што неговите дела предизвикале жестоки полемики. Ја реформирал операта, проповедајќи враќање кон грчката уметност и на тој начин го покажал патот кон музичката драма. Негово најпознато дело е операта „Орфеј“. Умрел во Виена, на 15 ноември 1787 година. 1778.- Во Ерменонвил умрел Жан Жак Русо, француски писател и филозоф-просветител. Негови најпознати дела се „Расправа за науката и уметноста“, „Емил“, „Општествен договор“ и други. Роден бил во Женева, на 28 август 1712 година. 1819.- Во Обединетото Кралство со закон била забранета работа на децата под девет години во текстилната индустрија, а работата на деца помлади од 16 години била ограничена на 12 часа дневно. 1853.- Со преминувањето на руската војска преку реката Прут и нападот врз Турците почнала Кримската војна која завршила во 1856 година со пораз на Русија бидејќи на страната на Османлиското царство во војната се вклучиле Велика Британија, Франција и Сардинија. 1860.- На брегот на Јапонското Море близу до корејската граница биле удрени темелите на рускиот град Владивосток, големо пристаниште и крајна станица на Транссибирската железница, како и важна поморска и воздухопловна база. 1877.- Роден е Херман Хесе, германски писател. Познати му се романите „Игра со стаклени бисери“, „Демијан“, „Сидарта“ и „Степскиот волк“ и други. Во 1946 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел на 9 август 1962 година. 1879. – Роден е Тодор Паница, деец на ВМОРО, роден во Орјахово, Бугарија. Од раните младешки години се вклучил во македонското револуционерно движење. Учесник бил во илинденското востание. Соработувал со јане Сандански, по чија наредба ги извршил убиствата на Гарванов и Сарафов. Бил учесник во балканските и во Првата светска војна, а учествувал и во изработката на познатиот Мајски манифест. Бил соработмник на НКВД. Бил убиен од М. Карничова, во виенскиот Бургтеатар во 1925 година. 1881.- Во Вашингтон бил извршен атентат врз претседателот на САД, Џемс Гарфилд, кој од здобиените рани умрел на 19 септември 1881 година. 1890.- Над Менцелскиот Залив на Боденско Езеро на југот на Германија за првпат полетал цепелинот со кој управувал германскиот гроф Фердинанд фон Цепелин. Леталото било долго 128, а широко 11 метри, составено од 16 балони исполнети со водород и со оклоп од алуминиум. 1911.- Во Битола е роден Михаил Петрушевски, македонски академик, филолог, еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој бил вонреден и редовен професор, како и прв декан на истиот, а подоцна и ректор на скопскиот Универзитет. Има објавено над 200 научни трудови од областа на класичната филологија. За македонската култура од особено значење е неговата преведувачка дејност и посебно преводите на „Илијада“ и „Одисеја“ од Хомер, „Скендер Беј“ и „Сердарот“ од Григор Прличев и на други дела. Умрел во Скопје, на 27 февруари 1990 година. 1948.- Со помош на западните сили, грчките владини трупи ја почнале офанзивата против прокомунистичката Демократска армија на Грција (ДАГ), со што граѓанската војна влегла во завршна фаза. 1949.- Во Москва умрел Георги Димитров, еден од најголемите водачи на бугарското и на меѓународното работничко движење. Роден бил во селото Ковачица, кај Перник, на 18 јуни 1882 година. 1964.- Претседателот на САД Линдон Џонсон го потпишал „Актот за граѓански права“, со кој била забранета расната диксриминација. 1974.- Лидерите на Советскиот Сојуз и на САД, Леонид Брежњев и Ричард Никсон во Москва поститнале договор за ограничување на подземните нуклеарни проби. 1974.- Во Скопје умрел д-р Димитар Арсов, македонски академик, лекар-интернист, еден од основачите на Клиниката за внатрешни болести во Скопје. Тој дал особен стручен и научен придонес во областа на ревматологијата. Роден бил во Крива Паланка, на 28 ноември 1908 година. 1989.- Во Скопје умре проф. Христо Стамболиев, еден од основачите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и негов прв декан. Особено значење имал во развојот на научната мисла во неорганската хемија, аналитичката хемија и технологијата на силикатите. Има објавено многубројни трудови презентирани во еминентни списанија во земјата и во странство. Роден бил во Струмица, на 13 јануари 1920 година. 1994.- Во Скопје умрел Љубен Ташковски, македонски поет. Негова прва објавена книга е „Катерина“ (позија, 1958 година). Други негови познати дела се „Илинден“, „Калинка“, „Од Скопје до Чикаго, од Њујорк до Сантјаго“ и други. Роден бил во Струмица, на 4 јануари 1931 година. 1994.- Албанскиот суд на девет години затвор го осудил поранешниот комунистички лидер на Албанија Рамиз Алија, обвинет за злоупотреба на власта и кршење на човековите права. 1997.- При посетата на Република Турција на тричлената делегација на Армијата на Република Македонија, составена од полковниците Гоце Илиевски и Ѓорѓи Ѓуровски, како и мајорот Ванче Стојчев, во Истанбул, во Воениот музеј, мајорот Ванчо Стојчев го пронашол и го фотографирал легендарното Црешово топче што македонските востаници го користеле во времето на Илинденското востание (1903 г.). На 25 јули било донесено во Република Македонија на привремено (три месеци) чување по повод 100-годишнината од Илинденското востание. 1997.- Умрел американскиот филмски актер Џејмс Мејтланд Стјуарт. Филмови: „Мистер Смит во Сенатот“, „Филаделфиска приказна“ (Оскар), „Винчестер 73“, „Приказна за Глен Милер“, „Најголемата претстава во светот“, „Човекот кој знаеше премногу“, „Анатомија на едно убиство“, „Човекот кој го уби Либерт Валенс“, „Парада на лудаци“. 2004.- Во Лос Анџелес умрел Марлон Брандо, американски филмски актер, познат по толкувањето на изразито драмски ликови. Филмови: „Трамвајот наречен желба“, „Јулиј Цезар“, „Млади лавови“, „Едноокиот Џек“, „Буната на бродот Баунти“, „Грофицата од Хонг Конг“, „Последно танго во Париз“, „Кум“. Роден бил во 1924 година. 2005.- Хуманитарни концерти под заедничко име „Лајв ејт“ („Live 8“), во организација на ирскиот музичар Боб Гелдоф, биле одржани во сите земји членки на Г8 - САД, Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Канада, Јапонија и Русија, со цел да им се помогне на најсиромашните земји.    

Остани поврзан