• петок, 17 јануари 2025

Муртезани: Северна Македонија останува посветена на својата европска иднина

Муртезани: Северна Македонија останува посветена на својата европска иднина

Скопје, 17 јануари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се сретна со полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка, во рамки на неговата посета на Варшава, Полска.

Средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се одржа во духот на одбележувањето на почетокот на полското претседавање со Советот на Европската Унија.

- На средбата се разговараше за приоритетите на полското претседавање, со особен акцент на зајакнувањето на европската перспектива за земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Министерот Муртезани ги истакна досегашните постигнувања на Северна Македонија во пристапните преговори со ЕУ и ја нагласи важноста на поддршката од земјите-членки за понатамошно унапредување на интегративниот процес, стои во соопштението.

Министерот Шлапка ја потврдил заложбата на Полска за активно поддржување на европските аспирации на Северна Македонија, истакнувајќи дека проширувањето на Европската Унија останува еден од клучните приоритети на полското претседавање.

Двајцата министри, како што се наведува, се согласија дека зајакнувањето на регионалната соработка, економската стабилност и имплементацијата на реформите се од суштинско значење за создавање на стабилен и просперитетен регион.

Министерот Муртезани изразил благодарност за континуираната поддршка на Полска и нагласил дека активниот дијалог со земјите-членки на ЕУ е клучен за успешното спроведување на пристапниот процес.

- Северна Македонија останува посветена на својата европска иднина, а полското претседавање претставува можност за натамошно зајакнување на заедничките цели за стабилен, интегриран и просперитетен Балкан, стои во соопштението од Министерството за европски прашања. мд/аа/

Фото: Министерството за европски прашања

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан