• четврток, 26 декември 2024

Мултимедијална промоција на збирката песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева

Мултимедијална промоција на збирката песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Збирката песни „Карши“ од авторката Маријана Котевска-Георгиева ќе биде промовирана вечерва во Капан ан во Скопје. Книгата е објавена на македонски и на англиски јазик, а е во издание на „Арс Либрис“, и дел на „Арс Ламина – публикации“. -„Карши“ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот. Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? „Јас сум процес, не човек“, вели Котевска-Георгиева во една од песните. Од „Арс Ламина – публикации“ посочуваат дека во метафизичката поезија на оваа книга постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да се живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот. -Таа лимитираност носи неизвесност и страв од мигот во кој се судираат два бескраја – оној на минатото и оној на иднината. Во овие длабоко чувствени стихови лесно се препознава секој, бидејќи стравот, бегството, треперењето и болката се состојби што читателот го допираат, го болат, го навраќаат, го будат... Преку евоцирање на некои од најдлабоките внатрешни пориви, овие стихови резонираат во нашата утроба, чувствувајќи ги и во грлото и во стомакот, се наведува во соопштението на издавачката куќа. Англиската верзија на стихозбирката насловена „Across from me“, е преводена од Никола Гелинчески. Промотори на книгата ќе бидат Иван Додовски и Сузана В. Спасовска, а модераторка на настанот ќе биде Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“. За време на промоцијата ќе биде поставена и изложба на Сандра Котевска, академска сликарка, магистер по ликовна уметност. Таа е и авторка на корицата и на илустрациите на внатрешните страници на книгата. Како што најавија организаторите, специјален гостин ќе биде Бранислав Николов, вокалистот на групата „Фолтин“, кој ќе има интерактивен настап.бт/сст/

Остани поврзан