• среда, 25 декември 2024

Музејот на современа уметност одбележува 60 години постоење

Музејот на современа уметност одбележува  60 години постоење

Скопје, 10 февруари 2024 (МИА) - Во пресрет на утрешниот јубилеј 60 години постоење, Музејот на современа уметност - Скопје денеска на матине ексклузивно ќе го изложи уметничкото дело „Доблест во нужност“ на Џанфранко Барукело, ќе промовира нов број од списанието „Големото стакло“ и ќе организира стручно водење низ тековните музејски поставки. 

МСУ соопшти дека делото на познатиот италијански уметник Барукело (1924 – 2023) го изложува првпат по 35 години. Тоа е дел од уникатната колекција создадена од подарените дела на уметниците низ светот во знак на солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година.

-Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ, е конзервирано од стручниот тим на Музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања, соопшти МСУ.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ (бр.35/36, 2023) насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија.  

Настанот вклучува и стручно водење низ тековните поставки со кустос-водич Бојана Јанева, како и  диџеј сет на Игор Спироски. По повод јубилејот, МСУ соопшти дека е зголемена понудата на продукти на неговата книжарница. хс/аа/

Фото: МСУ

Остани поврзан