• вторник, 24 декември 2024

Музејот на град Скопје одбележува 70 години постоење

Музејот на град Скопје одбележува 70 години постоење
Скопје, 4 јануари 2020 (МИА) - Музејот на град Скопје одбележува седумдесет години од основањето. Тој е формиран во 1949 година од страна на Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на град Скопје. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година и санацијата на објектот на Железничката станица (од 1968 до 1970 година, проект на дипл. инж. арх. Светислав Петровиќ), Музејот на град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда на Железничката станица во 1970 година. Седумдесет години од постоењето (1949 - 2019) и педест години од користење на музејскиот објект Железничка станица (1970-2020) е јубилеј што ќе биде одбележан со пригодна манифестација на 12 февруари 2020 година. - Остварувајќи ја својата основна мисија, Музејот на град Скопје уште од почетокот стана место на непосредно фактографирање на историскиот, општествениот, стопанскиот и културниот живот на градот. Набргу, импозантниот број реализирани музејски презентации и манифестации во земјава и во странство, археолошки и теренски истражувања, организирани збирки и музејски поставки преку кои се афирмира културното наследство на град Скопје, од Музејот создаваат значаен културен центар, соопштуваат од прес-службата на Музејот. Музејот на град Скопје остварува богата научно-истражувачка дејност и врши собирање, средување, стручна обработка, чување, заштита, презентација и публикување на музејски материјал од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и историјата на архитектурата. Врши археолошки истражувања на територијата на Град Скопје. Врши заштита на археолошките, етнолошките, историските и уметничките предмети на подрачјето за кое е основан. Преку постојани изложбени поставки, повремени и подвижни изложби, предавања, семинари, курсеви и други форми на дејствување, врши едукативна функција, развивајќи интерактивна комуникација со посетителите. Музејот го презентира музејскиот материјал и преку сопствената издавачка дејност. Музејот го збогатува фондот од музејски предмети преку теренски истражувања, археолошки ископувања и откупи на артефакти, го збогатува фондот на уметнички дела и овозможува пошироката публика да се запознае со актуелниот творечки опус на современите уметници од земјава и од светот. Музејот од своето основање до денеска го обезбедува правото на култура и на еднакви можности за пристап до културата за сите корисници. Музејот веќе седумдесет години ја привлекува публиката преку интерактивни проекти, изложби и презентации како на културното богатство, така и на современите културни производи и го подига општото културно рамниште на граѓаните на град Скопје. Благодарение на работата на неколку поколенија музејски работници Музејот денес стана значаен центар за чување, заштита и презентација како на нашето културно наследство, така и на современата култура и уметност.фф/дма/

Остани поврзан