• сабота, 23 ноември 2024

МТСП бара да се почитуваат препораките поврзани со работењето за време на топлотниот бран

МТСП бара да се почитуваат препораките поврзани со работењето за време на топлотниот бран

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) – Работодавците од јавниот и приватниот сектор се должни да ги ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години возраст, потенцираат од Министерството за труд и социјална политика во соработка со Државниот инспекторат за труд, со цел појаснување и единствена примена на препораките на Владата на Република Северна Македонија, поврзани со работењето за време на топлотниот бран.

- Препораките за приватниот сектор се однесуваат само на начинот на организација на работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во период од 11 до 17 часот. Правните субјекти кои вршат градежна дејност и чии активности се вршат на отворено се должни да ги запрат активностите во период од 11 до 17 часот. Со оглед на фактот дека одредени активности на правните субјекти може да претставуваат ризик по здравјето на изложените работници, Државниот инспекторат за труд покрај препораките, при инспекциските надзори постапува и во согласност со одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа, соопштуваат од МТСП.

Оттаму, истакнуваат дека, согласно член 49 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа, ако инспекторот на труд врз основа на надзор кај работодавецот утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените, со решение ќе ја забрани работата во целост.

- Со оглед на тоа што во услови на топлотен бран, високите температури односно високиот УВ индекс се максимум изразени, тие сами по себе претставуваат непосредна опасност по безбедноста и здравјето на работниците за што инспекторите на труд имаат правен основ за изрекување на напред наведената инспекциска мерка, нагласуваат од МТСП. ир/дма/

 

Остани поврзан