• среда, 25 декември 2024

МОН и БРО: Современи наставни програми во новата учебна година за првачињата, изработката е во завршна фаза

МОН и БРО: Современи наставни програми во новата учебна година за првачињата, изработката е во завршна фаза
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Учениците од прво одделение новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови, современи наставни програми чија изработка согласно динамиката во планот за целосно реформирање на националниот образовен систем кој започна со усвојувањето на новата Концепција за основно образование, е веќе во завршна фаза, соопштија од Министерството за образование и наука. Од МОН посочија дека резултатите од досегашната работа на работната група составена од неколку тимови и нацрт верзијата на наставните програми денеска биле презентирани пред министерката за образование и наука Мила Царовска. - Членовите на тимовите изразија задоволство што за прв пат преку еден ваков процес се прави меѓусебно поврзување на наставните програми и што преку координација на различните тимови се доаѓа до исклучително квалитетни крајни решенија. Наставните програми се очекува да бидат усвоени и јавно објавени во петок, по што ќе се пристапи кон обуки за наставниците за начинот на имплементација, додадоа од МОН. Од Министерството посочија дека на почетокот на минатиот месец, Бирото за развој на образованието преку јавен повик ги одбрало соработниците – наставници од училишта и од високообразовни установи и тоа во поголем број за разлика од праксата во минатото, а кои заедно со советниците од оваа институција го започнале креирањето на новите наставни програми. - Притоа, во текот на целиот процес на изработка на програмите, се консултираат експерти од области на коишто се темели новата Концепција, како родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, а внимание се посветува и на изнаоѓање соодветни начини за презентирање на важноста и пристапот на учениците кон одредени прашања како заштита на животната средина, почитување на правата, развивање на одговорност и слично, наведоа од МОН. Од Министерството истакнаа дека новите наставни програми треба да обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно да овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација. - Така на пример, доколку една од темите во прво одделение е „Кој сум јас?“, по предметот Општество ученикот ќе учи за своите особини и умеења и за тоа што може, а што не може да прави, преку предметот Природни науки овие знаења ќе ги поврзува со изучување на надворешните делови на своето тело и грижата за сопственото здравје, додека на часовите по Физичко и здравствено образование ќе истражува и вежба како може да се движи и да прави едноставни вежби, посочија од МОН. Од Министерсвото истакнаа дека суштински значајно за новите наставни програми е што за прв пат, се изработуваат врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и се фокусираат на резултати од учењето. - Ова подразбира дека во истите е прецизно дефинирано какви компетенции, односно знаења, вештини и ставови се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, при што, наставникот сега добива целосна автономија при креирањето на активности и изборот на наставни материјали со кои ќе ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи на ученици со цел постигнување на тоа што е поставено со резултатите од учењето. посочија од МОН. Додадоа дека тука спаѓаат компетенциите кои произлегуваат од подрачјето со кое наставниот предмет има директна врска, како и трансверзалните компетенции кои треба да бидат вклучени во повеќето наставни програми (на пример Дигитална писменост и Техника, технологија и претприемништво) или во сите наставни програми (на пример Личен и социјален развој), со што се овозможува холистички пристап во наставата и целосен развој на ученикот. - Потсетуваме дека Националните стандарди базирани на компетенции врз кои се изработуваат новите наставни програми се усвоени во текот на месец февруари. Со истите се опфатени клучните компетенции за доживотно учење содржани во препораките на Советот на Европската Унија и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки, наведоа од МОН. Од Министерството наведоа дека од резултатите од учењето пак, се изведени стандардите за оценување кои укажуваат на најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија (познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање). Стандардите за оценување придонесуваат кон објективност и транспарентност во оценувањето на тој начин што им помагаат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување. Веднаш по усвојувањето на новите наставни програми, додадоа од МОН, ќе следат обуки за наставниците, кои ќе се реализираат преку три модули во текот на мај, јуни и август. см/сп/

Остани поврзан