• среда, 27 ноември 2024

Монд: Франција одлучи да го поддржи пристапот на Украина во НАТО

Монд: Франција одлучи да го поддржи пристапот на Украина во НАТО

Париз, 20 јуни 2023 (МИА) - Франција е решена да го поддржи приемот на Украина во НАТО со цел да го зголеми притисокот врз Русија додека украинската контраофанзива е во тешкотии, објави денеска парискиот весник „Монд“.

Пред годишниот самит на НАТО на 11 и 12 јули во Вилнус, „Франција, во разговорите со сојузниците на Украина, го фаворизира пристапот дека треба да се одбрани можноста Украина да влезе во НАТО за да се влијае на конфликтот и да дојде до преговори меѓу Москва и Киев“, пишува весникот.

Според Монд, на Советот за одбрана на 12 јуни во Елисејската палата се разговарало за можноста Украина да влезе во НАТО.

Француските власти сметаат дека тоа ќе биде безбедносна гаранција бидејќи веројатно ќе ја обесхрабри Русија да продолжи со војната. На овој начин може да се влијае на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да започне преговори со Русија, кога ќе оцени дека е вистински момент, а во зависност од резултатите од контраофанзивата, додава парискиот весник.

Монд оцени дека Париз со овој нов пристап се доближува до ставовите на земјите од централна Европа, од кои повеќето, пред се Полска и балтичките земји, неуморно се залагаат за влез на Украина во НАТО.

Весникот потсетува дека Берлин и Вашингтон ја отфрлаат можноста Украина да влезе во НАТО. И Франција до сега имаше таков став.

„Францускиот пристап сега е поблизок до Полска отколку до Германија“, изјави за Монд неименуван странски дипломат.

Монд потсети дека на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, тогашниот француски претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел ја отфрлија можноста за брз пристап на Украина во НАТО. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан