• сабота, 09 ноември 2024

МОН: Државниот матурски одбор го прифати предлогот за два екстерни и два интерни испита и проектна задача

МОН: Државниот матурски одбор го прифати предлогот за два екстерни и два интерни испита и проектна задача
Скопје, 15 февруари 2021 (МИА) - Државниот матурски одбор денеска на онлајн-состанок го прифати предлогот државната матура да се состои од четири испити (два екстерни и два интерни) и проектна задача. Во наредните денови одборот ќе треба да подготви нова предлог-концепција. Како што соопшти Министерството за образование и наука, министерката Мила Царовска и претставниците на Одборот, меѓу кои и од Бирото за развој на образование и Државниот испитен центар, на состанокот истакнаа дека со ваквата концепција на полагање не се нарушува квалитетот на матурата, се задржува стандардот, и е во интерес на сите матуранти. - Исто така, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година. Во извештаите на ОЕЦД, државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме. Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање квалитетно образование коешто е во интерес на учениците, соопшти МОН. Претходно, Сојузот на средношколците ја прифати опцијата да полагаат два екстерни и два интерни испити од државната матура, односно третиот екстерен испит да биде интерен, но за решението да биде целосно прифатено постави три услови. Бара да се формира работна група во која покрај нивни претставници, ќе има од Државниот испитен центар, наставници во средното образование и со неа да претседава претставник од Кабинетот на премиерот. Работната група треба да одлучува за скратените наставни програми кои ќе се однесуваат на екстерните испити (мајчин јазик, странски јазик, математика) и за тоа кои содржини нема да бидат вклучени во испитите. Таа треба да ја заврши својата работа во средината на март, а директорот на ДИЦ ќе треба да ги спроведе нејзините препораки. Со ова ќе биде задоволено нивното барање  за скратени наставни програми. Вториот услов на Средношколскиот сојуз е наставниците да ги споделат со матурантите испитните материјали за интерните испити, а образовните власти да се осигураат дека наставниците ќе ги споделат испитните материјали за интерните испити со своите ученици најмалку три недели пред денот на испитот. -Испитните материјали се однесуваат на форматот на испитот, конректни содржини покриени од истиот, како и банки на прашања за испитот. Овој чекор ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити, наведува Сојузот. Третото барање е промена на коефициентот за добивање на поените за несоодветен екстерен испит. Сегашниот модел подразбира дека доколку екстерен испит е несоодветен за уписот на факултет, тој испит може да носи најмногу пет поени. Менувањето на коефициентите кај интерните испити, како што посочи Сојузот,  значи дека несоодветен интерен испит би носел повеќе од несоодветен екстерен испит (шест поени во споредба со пет). -Поради ова, бараме коефициентот за несоодветниот екстерен испит да се промени во 0,7. Ова значи дека несоодветен екстерен испит би носел седум поени, посочи Средношколскиот сојуз. Од Сојузот додаваат дека со овие три услови покажуваат дека и покрај компромисот продолжуваат да се борат за да биде слушнат гласот на средношколците и дека властите мора да признаат, како што наведува,  дека оваа учебна година не е како секоја друга и дека државната матура мора да претрпи измени. -Иако постигнавме заедничко решение, нашата борба ќе продолжи сè додека не го имплементираме целосното решение, како и нашите услови за негово прифаќање, велат од Сојузот на средношколци. хс/дма/

Остани поврзан