• вторник, 24 декември 2024

Монашење во манастирот Пречиста кај Кичево

Монашење во манастирот Пречиста кај Кичево

Кичево, 21 септември 2023 (МИА) - На празничната вечерна богослужба и со свештениот чин на замонашување и на примањето на потстриг на искушеничката Николина Петреска од Охрид, синоќа во манастирот „Благовештение на Пресвета Богородица“ кај Кичево започна празнувањето на Рождество на Мајката Божја.

По светиот ангелски потстриг митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј и полагањето завет пред Бога, Николина го доби монашкото име Теодосија.

- Како искушеничка во манастирот, Николина седум години верно и пожртвувано и' служеше на Богомајката и на нашето сестринство, возглавено од старешинката Харитина, а духовно раководено од Старецот Партениј, епископот Антаниски. Сега одново се роди како сестра Теодосија и ќе го продолжи својот монашки пат уште поусрдно служејќи и ревнувајќи за Господа, изјавија за МИА сестрите од овој манастир.

Со свечената архиерејска вечерна богослужба, чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, во придружба на епископот Антаниски г. Партениј, заедно со многубројни јеромонаси и свештенослужители од дебарско-кичевската и од други епархии.

Богослужението продолжува денеска со утрена богослужба, по која ќе следи Божествена архиерејска литургија, со почеток во 9 часот.

Овој ден е Господов“, вели црковниот поет, и затоа „луѓе, радувајте се, зашто палатата на Светлината и книгата на словото на животот од утробата произлезе“. Раѓањето на Пресвета Богородица од престарените Јоаким и Ана, е објавување на радоста на целиот свет, бидејќи неплодноста на нашата природа се разрешува, зашто неплодната станува мајка на Онаа, Која и по раѓањето на Животодавецот останува Дева, посочува сестринството на свештената Пречистанска Обител „Благовештение на Пресвета Богородица“. сс/вг/

 

 

Остани поврзан