• понеделник, 23 декември 2024

Можности за модернизација на земјоделскиот сектор финансирани од ЕУ 

Можности за модернизација на земјоделскиот сектор финансирани од ЕУ 

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска во Ресен ќе ги претстават можностите што ги нуди ЕУ за финансиска поддршка на земјоделските задруги и модернизација на земјоделскиот сектор во Северна Македонија. На настанот ќе се обрати и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Амбасадорот Гир и министерот Николовски ќе се осврнат на перспективите што Европската Унија им ги носи на земјоделците преку поддршка на задругите и поттикнување одржливи практики. Македонската асоцијација на земјоделски задруги и Македонската развојна фондација за претпријатија ќе ги презентираат инвестициите во развојот на руралните области и развојот на еколошки практики што им помагаат на земјоделците подобро да одговорат на барањата на глобалниот пазар.

-Земјоделците се соочуваат со предизвици како што се влијанијата на климатските промени врз биодиверзитетот, порастот на населението и промената на навиките во исхраната. Тие исто така постојано одговараат на барањата во однос на промените на навиките во исхраната и на променливите ставови и очекувања на луѓето. Финансиската поддршка од Европската Унија им помага да се соочат со овие предизвици и да се зачуваат живописните рурални области и квалитетните земјоделски производи, се наведува во најавата за настанот.

Презентацијата се одржува по повод Меѓународниот ден на задругите, наречен  #CoopsDay, кој се одбележува секоја прва сабота од месец јули, од 1923 година наваму. Оваа година се одбележуваат 100 години од задругарското движење и значајниот придонес на задругите во глобалната економија, како и нивната улога во градењето на поодржлива иднина.

Во моментов се спроведуваат три проекти финансирани од ЕУ во делот на македонското земјоделство: Зајакнување на управувањето со земјоделските задруги за подобрување на конкурентноста во земјоделскиот сектор (Competitive Agri – COOPS), Развој на модерно и одржливо земјоделство (AGROSMART) и Модернизација на советодавните услуги за операторите во земјоделството во Северна Македонија. мч/бак/

фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан