• петок, 08 ноември 2024

МНР: Новиот протокол со ЕУ со нови поволности за бизнисите за настап на европските пазари

МНР: Новиот протокол со ЕУ со нови поволности за бизнисите за настап на европските пазари
Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) - Новиот протокол со ЕУ со нови поволности за бизнисите за настап на европските пазари Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, а на предлог на министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја донесе Одлуката за предвремена примена на измените на Протоколот за потекло на стоки од Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ со што се обезбедува правна основа за примена на ревидираните преференцијални правила за потекло на стоките од почетокот на месец ноември 2021 година. Како што соопшти МНР, со промените од новите правила за потекло на стоки ќе бидат засегнати сите економски оператори и компании во нашава држава што се занимаваат со извоз. Со оглед на тоа што околу 85 отсто од целокупниот извоз на Северна Македонија се врши со земјите-членки на ЕУ и 24-те држави во Пан-евро-медитеранската зона (ЕФТА, Турција, ЦЕФТА, земјите од Источното партнерство и медитеранските земји), овие нови правила претставуваат своевидна револуција во надворешно-трговската размена. Производителите во Северна Македонија ќе добијат големи можности за увоз на суровини без царина од трети земји и извоз на готовите производи во ЕУ, исто така, без царина. Придобивки ќе имаат сите индустрии, но најголеми ќе имаат компаниите што произведуваат технолошко современи производи, особено компаниите од автомобилската индустрија и компаниите во ТИРЗ. Големи погодности ќе имаат и компаниите од прехранбената и преработувачката индустрија. Новите правила за потекло на стоки им отвораат поголеми можности на компаниите да обезбедат поевтини суровини при создавањето на производите за овие пазари, имајќи предвид дека со оваа одлука се укинуваат царините на суровините за преработка, стои во соопштението на МНР. Дополнително, со намалување на условот за процентот на додадена вредност од 60 отсто на 50 отсто како домашен придонес во создавањето на производот, се унапредува нивната позиција на странските пазари, стануваат далеку поконкурентни, но истовремено се создаваат услови и за нови странски инвестиции кои добиваат можности за извоз на овие пазари со далеку подобрени услови преку овие нови правила. Овие правила треба да ја олеснат економската интеграција на нашата држава на регионалниот економски пазар и консолидација и развој на интегрирани синџири на снабдување со земјите од регионот што ги применуваат новите преференцијални правила за потекло. Според анализите што се правени, според новите услови за потекло, нашиот извоз треба дополнително да се зголеми на годишно ниво за 6,3 отсто. Несомнено е дека интеграцијата на Република Северна Македонија кон Европската унија, но и условите што Владата на Северна Македонија ги обезбедува за поволна клима за развој на овие односи имаат директно влијание на динамиката на развојот на нашата економија, индустрија и насочувањето на нашите трговски односи кон ЕУ, се додава во соопштението на МНР. нд/аа/

Остани поврзан