• вторник, 24 декември 2024

Мицотакис за прислушувањето на Андрулакис: Погрешно беше, да знаев немаше да го дозволам (ДПЛ)

Мицотакис за прислушувањето на Андрулакис: Погрешно беше, да знаев немаше да го дозволам (ДПЛ)
Атина, 8 август 2022 (МИА) – Она што се случи, иако беше согласно со одредбите на законот, беше погрешно. Не знаев за тоа, и очигледно, никогаш немаше да го дозволам, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за следењето на мобилниот телефон на европратеникот и сегашен лидер на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис , јави дописничката на МИА од Атина. Во видео изјавата, грчкиот премиер објасни дека пред неколку дена бил информиран дека од септември 2021 година, три месеци, Националната разузнавачка служба легално го следела мобилниот телефон на Никос Андрулакис, додека сè уште беше европратеник, а пред да биде избран за лидер на партијата. Постапката за следење, како што посочи Мицотакис, била одобрена од висок обвинител, токму како што е предвидено со одредбата од законот донесена во 2018 година од претходната влада. Следењето траело три месеци и автоматски било прекинато, како што налага законот, неколку дена откако Андрулакис беше избран за претседател на ПАСОК-КИНАЛ. -Иако сè беше законски, Националната разузнавачка служба ја потцени политичката димензија на конкретната постапка. Тоа формално беше адекватно, но политички неприфатливо. Не требаше да се случи, предизвикувајќи пукнатини во довербата на јавноста во Службите за национална безбедност, рече Мицотакис. Додаде дека иако целиот процес се однесувал на истакната политичка личност, постоеле недостатоци во управувањето со постапката и затоа беше сменет директорот на Службата, додека пак генералниот секретар на Владата, според Мицотакис, со оставката, „ја презеде објективната политичка одговорност“. Дополнително, грчкиот премиер, рече дека случајот „сепак го истакна недостатокот на дополнителни филтри во работењето на разузнавачките служби“ и презентираше предлози за промени во работата на Националната служба за разузнавање (ЕИП). -Прво, зајакнување на отчетноста на ЕИП и на надзорот на Парламентот преку Комисијата за институции и транспарентност. Второ надградување на улогата на Советот за национална безбедност за подобро искористување на информациите и на ЕИП. Трето, заштитување на рамката за легитимни следења за политичките личности. Четврто, промени во внатрешноста на ЕИП за зајакнување на внатрешната контрола, на транспарентноста, екстровертноста и на обуката на нејзиниот персонал, рече Мицотакис, додавајќи дека е отворен за секакви креативни идеи и предлози за зајакнување на транспарентноста на тајните служби на земјата. Дополнително истакна дека придонесот на Националната разузнавачка служба е важна и се рефлектира во подготвеноста на Грција да се соочи со предизвиците „како оние во Еврос или во Егејското Море“. -Ќе бидам искрен со вас. Постојат многу непријатели на земјата кои демнат и кои би сакале слаба Национална разузнавачка служба. А ако некои мрачни сили вон Грција разработуваат било каков план за дестабилизација на земјата, да знаат дека Грција е и силна и институционално заштитена, порача грчкиот премиер. Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) Панајотис Кондолеон и генералниот секретар на грчката Влада Григорис Димитриадис во петокот си поднесоа оставки, а опозициските партии СИРИЗА и ПАСОК-КИНАЛ сметаат дека главната одговорност за следењето на мобилниот телефон на Андрулакис, ја има токму Мицотакис. ср/

Остани поврзан