• среда, 27 ноември 2024

Мицотакис за пожарите во Грција: Годинава беше најтешка во последните 40 години

Мицотакис за пожарите во Грција: Годинава беше најтешка во последните 40 години

Атина, 23 октомври 2024 (МИА) – Помалку изгорена површина, повеќе пожари, но и потешки услови, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ја одбележаа годинешната сезона на пожари во Грција, која како што рече, „од климатолошки аспект, беше најтешка во последните 40 години“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис говореше на расправата во Парламентот посветена на пожарите и иницијативите на Владата за поддршка на погодените, обновување на инфраструктурата и натамошното зајакнување на Цивилната заштита.

Се осврна на податоците велејќи дека „се очекуваше оваа година да биде климатски тешка, но објективно беше најтешката година во последните 40 години“ поради, како што објасни, континуираните натпросечно високи температури, екстремната и долга суша и силните ветрови и додаде дека оваа година имало 9.101 пожар, наспроти 7.163 лани.

-Минатата година беше многу лоша, изгореа 175.400 хектари. Годинава изгореа 44.000 хектари, а просекот е нешто повеќе од 50.000 хектари во последните 20 години. Односно бевме под просекот од последните 20 години, во година која објективно од климатолошки аспект, како што потврдуваат сите експерти, беше најтешка во последните 40 години, рече Мицотакис.

Паралелно истакна дека „проблемот не само грчки, туку е глобален“, посочувајќи дека „тоа, за жал е реалност што доаѓа и ја придружува климатската криза со која се соочуваме. ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан