Мицотакис: Граѓаните преку големите протести побараа вистина и правда, но и Грција да се издигне уште повисоко
- Стотици илјади сограѓани се најдоа на улиците и плоштадите, побараа вистина и правда, правда за жртвите, но и безбеден и модерен превоз за земјата. Секако имаше демонстранти кои побараа да падне Владата, но верувам дека огромното мнозинство од оние што протестираа имаа спротивно барање, побараа Грција да се издигне уште повисоко, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на расправата во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи пред две години, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 5 март 2025 (МИА) – Стотици илјади сограѓани се најдоа на улиците и плоштадите, побараа вистина и правда, правда за жртвите, но и безбеден и модерен превоз за земјата. Секако имаше демонстранти кои побараа да падне Владата, но верувам дека огромното мнозинство од оние што протестираа имаа спротивно барање, побараа Грција да се издигне уште повисоко, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на расправата во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи пред две години, јави дописничката на МИА од Атина.
Денешната расправа во Парламентот е на иницијатива на опозициските партии СИРИЗА и ККЕ, а ова е прв јавен настап на грчкиот премиер по масовните протести во Грција и странство за двегодишнината од железничката несреќа во која загинаа 57 лица.
- Живееме, две години од траумата кај Темпи, заедничката тага која одредени кругови се стремат да ја претворат во точка на поделба, а можеше, под одредени услови да биде појдовна точка за обединетост. Тоа е трагедија што често се сведува на политички слоган, рече Мицотакис.
Посочи дека денеска е пред Парламентот за да ја изрази „посветеноста на Владата за вистината и правдата“, но и затоа што смета дека, како што рече, треба да одговори на „бурата лажни вести“.
Се осврна детално на извештајот од Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот што се однесува на железничката несреќа и беше презентиран во четвртокот и истакна дека целосно се отфрлени обвинувањата дека постоело владино прикривање на местото на несреќата.
- Овој извештај ја побива и оваа неоснована, а повторно, ќе кажам и лично многу навредлива теорија за наводното „прикривање“, којашто систематски кружи од опозицијата и која, како што разбрав, ќе претставува и еден од главните аргументи во барањето за недоверба што веќе го подготвувате, рече Мицотакис.
Дополнително истакна дека само правдата може да ја расветли трагедијата и побара од сите да имаат доверба, говореше за, како што рече, лагите и митовите што се шират во изминатите две години и се поврзани со несреќата, нагласувајќи дека постои опасност општеството да се подели поради трагедија што напротив требаше да го обедини.
На расправата во Парламентот говорат претседателите на сите политички партии, а по завршувањето, лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, заедно со уште три опозициски партии ќе достави барање за гласање недоверба на Владата.
Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година, животот го загубија 57 лица, а во петокот на над 380 локации во Грција и странство се одржаа масовни протести. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер