• вторник, 04 февруари 2025

Мицотакис апелира до жителите на Санторини да бидат смирени и да ги следат упатствата на надлежните

Мицотакис апелира до жителите на Санторини да бидат смирени и да ги следат упатствата на надлежните

Атина, 3 февруари 2025 (МИА) – Треба да се справиме со многу интензивен геолошки феномен. Сакам да побарам од жителите на островот, пред сè, да останат смирени и да ги слушаат упатствата на Цивилната заштита, порача грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во однос на земјотресите на островот Санторини, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис е во Брисел за неформалниот Самит на Европската Унија, а при пристигнувањето, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот вонреден состанок за сеизмичката активност на островот, освен што апелираше за смиреност, објасни дека од побарал од надлежното Министерство во следните денови „да подготви сеопфатна научна презентација на геолошките податоци, за сите да знаат каква е појавата со која треба да управуваме“.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека во следните денови, веројатно в среда, граѓаните на највисоки ниво,ќе бидат детално информирани за сеизмичката активност на Санторини.

Паралелно се осврна и на превентивната подготовка на цивилната заштита, објаснувајќи дека регионалната противпожарна единица од јужниот дел на Егејското море е ставена во општа готовност; од завчера на Санторини е екипа на Специјалната единица за справување со катастрофи заедно со куче спасувач и две екипи на Специјалната единица за шумски операции од противпожарната служба; на островот пристигнаа и хеликоптер, тим од оператори со дронови заедно со опрема, како и спасувачи од воздух.

Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос од рано утрово  беа регистрирани над десет земјотреси со јачина од над четири степени, од кои најсилниот беше 4,9 степени. 

Од бројот 112 беа испратени две порака: една до оние кои се на Санторини со предупредување за „опасност од лизгање на земјиштето поради сеизмичка активност“, но и дека е забранет пристапот до областите на Амуди, Армени и старото пристаниште на островот, а втората до сите оние кои се на островите Иос, Аморгос, Санторини и Анафи, да бидат во состојба на готовност, поради продолжената сеизмичка активност.

Паралелно, во тек е состанок на надлежните комисии од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција. ср/сд/

Остани поврзан