Мицкоски: Темелни реформи во безбедносните служби, оние кои го следеле мојот малолетен син ќе одговараат
- Премиерот Христијан Мицкоски денеска од говорницата во Собранието укажа на незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.
Скопје, 26 декември 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски денеска од говорницата во Собранието укажа на незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.
Одговарајќи на прашање на пратеникот Јован Јаулески за нови моменти од спроведените истраги внатре во рамки на безбедносните структури, премиерот посочи дека претходната власт физички го следела него како лидер на најголемата тогаш опозициска партија, но и членови на неговото потесно семејство, неговата сопруга и синовите.
Како што посочи, преку информација од извор наречен „цилиндар“ во 2020 година било укажано на наводна активност на параполициско-воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни и националнистички настроени граѓани, со цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани, за да издејствуваат поддршка за ВМРО ДПМНЕ.
- Нарачател и финансиер на таа формација е Христијан Мицкоски. Ова е оставено како трага и точно се знае кој се тие кои тоа го работеле. Тоа служело како покритие да бидеме физички покриени сите...,рече од говорницата Мицкоски.
Тој уште посочи дека негово физичко следење имало и поради наводна информација од извор „џокер“, потоа биле измислувани некакви пикантерии, за кои истакна дека е најважно што немаат врска со реалноста.
- На овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформи да им се стави крај. За да не им се случува на оние генерации кои доаѓаат по нас. Ако ова им се случува на тие луѓе и нивните семејства бајдијала е се, и европски и балкански фронтови, европски сонови. Ако во 21 век имаме ваков начин на злупоутреба на работата на безбедосните агенции..., рече премиерот притоа најавувајќи дека се додека ја предводи Владата ќе бара одговорност.
Министер за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на прашањето на пратеникот Јаулески за тоа што се е откриено во акцијата неодамна спроведена во неколку скопски населби, истакна дека се расветелни седум убиства, и тоа како што рече, не само од аспект на сторителот, туку и од аспект на нарачателот.
- Се поставува прашањето што правеле оние пред нас. Дали ништо претходните не работеле биле неспособни или биле во одредени дил-ориентирани кругови, насочени кон лукративни цели и биле потпомагани од она што требале да го спречат. Кој и да е одговорот, од наша страна ќе бидат спроведени постапки да се дојде до одговорот на тие прашања, рече Тошковски.
Тој уште истакна дека и сега има кртови во рамки на МВР кои преку одредени поранешни високопозиционирани функционери од минатото оддаваат информации и притоа онезовможуваат делување на одреден дел од политиските акции.
Инаку, за самата акција тој посочи дека во спроведените повеќе од 30 претреси на различни локации, при што пронајдени се огромна количина парични средства, огромна количина злато, десет полуавтоматски пушки, пушкомитралез, пиштол, панцири, 14 гранати, околу 400 грама експлозив.
Тошковски ја искористи можноста да упати јавна порака дека, како што рече, „принципот како досега заврши“.
- Јасно, професионално и силно упатуваме порака дека криминалот е неисплатлив, секој што сторил кривично дело ќе одговара, а секој незаконски прибавен денар ќе биде вратен во буџетот на граѓаните. Ќе следи јавноста во иднина како за секое едно постапување во рамки на МВР и сите институции од прогонот, освен што ќе биде разоткриван криминалот, на секој еден ваков тип криминал ќе следи и финансиска истрага. Различно од како се работело досега, рече тој.
Тошковски даде и детали по прашањето за тоа како поранешниот висок функционер на ДУИ, за кој посочи дека предметното лице во моментов не е достапно на органите за прогон.
Тој посочи дека во раните утрински часови во неделата, предметното лице ја напушило државата во возило со дипломатски таблички, заедно со уште едно лице кои управувало со возилото. Притоа посочи дека полицискиот службеник на граничниот премин направил кардинална грешка, наместо да констатира дека предметното лице е на стоп-листа, истиот го пропуштил и предметното лице непречено ја напуштило државата.
- Тоа е утврдено од видео-запис обезбеден од камерите на граничниот премин. Прашањата поставени во јавноста, како е тоа случено, соглесно сите докази изведени од постапката, констатирано е од внатрешната контрола дека предметното лице сторило кривично дело, во најмала рака несовесно работење или злоупотреба на службена положба. За истото е поднесена кривична пријава од јавен обвинител. Неспорно е дека предметното лице не постапило соодветно закон, рече Тошковски.
Тој уште истакна дека се уште се истражува дали е сторена ненамерна грешка или тоа е направено со умисла и организирано.
- Обезбедени се мобилни телефони, други материјални докази и ЈО координира темелна истрага и во тој дел и набргу тоа ќе биде расветлено, дали станува збор за организирано бекство или ненамерна грешка на полициски службеник, рече Тошковски.
Против раководителот на полициската служба на граничниот премин не е поднесена кривична пријава, затоа што, како што рече Тошковски, било утврдено дека нема причинско-последична поврзаност на бегството на предметното лице и немарноста на раководителот на полициската станица
Тошковски уште истакна дека е распишана меѓународна потерница по предметното лице, дека билатерално се доставени сите потребни документи за лицето, сите процедури се активирани, така да заедно со тоа што истото се наоѓа на црната листа на Стејт департментот на САД, ќе бидат изнајдени соодветни начини како предметното лице биде достапно на органите на прогонот. аб/аа/
Фото: Влада на РСМ