• петок, 08 ноември 2024

Мицкоски смета дека СДСМ бара оставка од Тошковски поради страв од одговорност

Мицкоски смета дека СДСМ бара оставка од Тошковски поради страв од одговорност

Скопје, 24 август 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски, смета дека СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поради фактот што, како што рече, „тие се исплашени од Тошковски“ бидејќи гледаат дека сега секој е одговорен пред законот.

- Јас СДСМ ги разбирам, не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Зошто ги разбирам а не можам да ги оправдам, поради една едноставна причина што се исплашени од Тошковски, затоа што гледаат дека повеќе нема заштитени граѓани, политички елити, туку, секој е одговорен пред законот и тие веќе добиваат информации за тоа што ќе следи оваа есен, и се исплашени од Тошковски и има причина зошто да се плашат, рече тој.

Mинистерот Тошковски, како што рече премиерот, не само што ја врши професионално работата, туку го охрабрува да продолжи во таа насока.

- Затоа што сите овие случаи кои што се веднаш решени заедно со неговите соработници, досега, во минатото беше мисловна именка бидејќи не така многу одамна се сеќавате како белосветски нарко-дилери добиваа македонски државјанства пасоши, како полициски службеници се „закачаа“ со пајакот, како се слушаа луѓе, се малтретираа, се упаѓаше дома со униформирани полициски лица, се тепаа граѓани итн, сега тоа го нема, а проблемите се решаваат, сторителите на криминални чинови се изведени пред лицето на правдата и затоа СДСМ и ДУИ се плашат од Тошковски и имаат причина зошто да се плашат, посочи премиерот.

Тој повторно го повика Обвинителството да го истражи случајот со бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани.

 Го повикав Обвинителството веднаш да влезе, да истражии и да излезе во јавноста за да нема вака раструрање на пердуви, па сега ние да добиаме прашања, па вака било, така било. Не. Имаме институција, дајте да ги институционализраме работите. Таа институција се вика Јавно обвинителство, јавниот обвинител е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ - значи имаме довера дека не е избран од ВМРО-ДПМНЕ. Еве јас како претседател на Владата го повикувам да влезе и да ги расчисти сите овие работи, рече Мицкоски.  

Во коментар на синоќешната полициска акција во тетовското село Гајре каде што беше застрелано лице осомничено за убиство и барано по потерница, премиерот Мицкоски одговори дека правдата мора да важи за секој.

- Лице кое е барано со потерница поради сторени многу криминални дела меѓу кои и убиство, пружи отпор на припадниците на МВР, има престрелка, и во таа престрелка е погоден и при транспортот во болница им подлегнува на раните. Така што, правдата мора да важи за секој и мора да ја има на целата територија и тоа треба сите да го знаат, рече Мицкоски по посетата на Јавното претпријатие за државни патишта.

Дополни дека, како што рече, влегуваат во жестока битка со криминалот насекаде. 

- Без разлика дали е тој во политиката, дали е на улиците, ние мораме да ја ослободиме Македонија од криминалот, ако сакаме да нè биде, во спротивно, ќе бидеме предмет за поткусурвање и ќе бидеме држава во која што, за жал, како што е вообичаено секаде во светот, да има мафија во некоја држава, кај нас мафијата ја владее државата, тоа нема да го дозволиме додека јас ја водам оваа влада, ќе се бориме жестоко и ќе победиме, потенцираше премиерот.ар/лв/
Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан