• петок, 20 декември 2024

Мицкоски: Партнерот за коалиција ќе го бараме во албанската опозиција, граѓаните масовно да излезат на гласање на 8 мај

Мицкоски: Партнерот за коалиција ќе го бараме во албанската опозиција, граѓаните масовно да излезат на гласање на 8 мај

Скопје, 28 април 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од митингот во Битола повика на масовно гласање на 8 мај и изјави дека неговата партија партнерот за формирање влада ќе го бара во албанската опозиција, во партиите со кои ќе споделуваат исти вредности и принципи, а за ДУИ, потенцираше дека е време за опозиција и за одговорност. 

Мицкоски упати порака до ДУИ да не му праќаат „емисари“ и „курири“ за да размислел за коалиција после изборите. 

-И една порака до ДУИ. Овие денови сум преплавен со пораки и абери кои ми ги праќаат од Речица. Па како човек секогаш сум бил директен, престанете да ми ги праќате оние емисари и курири по разно разни канали кои велат да сум размислел да направиме коалиција после изборите. Не знам дали знаете или не, но јас не сум ви Ковачевски, ниту неговиот претходник. Со мене такви договори на штета на народот и под маса немало и нема да има, рече Мицкоски.

Време е, според него, ДУИ да биде заменето со партии кои ќе работат за сигурна иднина на сите граѓани и со која заедно ќе се бориме за заедничката иднина.

Мицкоски потенцира дека ДУИ секогаш кога краде највеќе, се прикрива со национални и етнички теми, а денес тие се прикриваат зад завесата Европа.

-И додека устите им се полни со Европа, а Ковачевски понизно ги слуша и коленичи пред Ахмети, него го слушаме среде Скопје како скандира УЧК, УЧК, рече Мицкоски. Тие зборови, продолжи тој, „кажани од овој човек извалкан со тежок криминал и крвави раце облечен во одело кое не му ги пере гревовите, се навреда и за Албанците кои ги краде најмногу, и за нас Македонците“.

- И кога Ахмети вели дека Македонците немале паметници, тоа значи дека тој само не знае каде да погледне. А овде Битола раѓала јунаци со храбри срца кои своите животи ги поклонувале пред олтарот на слобода за нашата татковина. И има многу такви, стотици и илјадници, но денес 28 април, најзвучно се говорат имињата на осумте бранители меѓу кои четворица битолчани, македонски херои кои ги положија животите таа 2001 година во Вејце, ѕверски убиени во подла заседа, рече Мицкоски потоа кажувајќи ги нивните имиња.   

Македонија, рече тој, вечно ќе го памети нивното дело за нашата слобода и порача во иднина да се внимава кога се изговараат лесно зборови кои отвораат рани кои не се залечени. 

Мицкоски ги повика граѓаните да излезат масовно на 8 мај и да гласаат за кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, како и за листите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата. Посочи на повеќе проекти од Програмата 1198 ветувајќи нивна реализација. 

Претходно до Демир Хисар, но и на митингот во Битола Мицкоски рече дека Силјановска Давкова победи во првиот круг на изборите со историска разлика од 183 илјади гласа во однос на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски.

-Тоа е историски резултат и резултат кој нас не обврзува бидејќи народот со право има големи очекувања и очекува дека идната влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да испорача брзи резултати, рече Мицкоски.

Од свое име и од името на коалицијата, тој вети, дека брзи резултати ќе има. Мицкоски изрази убедување дека после 8 мај, коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, а Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на државата.  

Носителот на листата во Изборната единица 5 Ѓорѓија Сајкоски на вечерашниот митинг во Битола истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи повеќе за инфраструктурата, ќе биде направен патот Градско - Прилеп, за Битола повторно да има инвестиции.

- ВМРО-ДПМНЕ ќе направи рамен терен за сите за да можат да се натпреваруваат. Ќе направиме спортски комплекс, рече Сајкоски.

Носителот на листата во ИЕ 5 упати порака и до оние кои не гласале за ВМРО-ДПМНЕ. 

-Праќам порака до сите приклучете се кон големата победничка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, Твоја Македонија, сите сакаме подобро образование, здравство, судство. Твоја ќе дојде само со влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе испорача повеќе за секој еден од нас, рече Сајкоски. ев/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан