• вторник, 26 ноември 2024

Мицкоски: Очекувам да освоиме близу 61 пратеник

Мицкоски: Очекувам да освоиме близу 61 пратеник

Скопје, 6 мај 2024 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на изборите да освои 61 пратеник или блиску до таа бројка. 

Мицкоски за подкаст на Плусинфо истакнува дека СДСМ треба својот пораз да го бара не само во изминатите неколку месеци, туку уште во корона кризата кога направиле злоупотреба на државните ресурси, институции.....

- Уште од тогаш постепено започна нивниот пораз и посериозно се случи на локалните избори кога имаа два убедливи порази и повторно се случи коалиција од позиција на опозиција да освои мнозинство на градоначалници и тоа требаше да биде индикатор. Затоа ние во тој период имајќи ги предвид интересите на државата, баравме предвремени парламентарни избори и на демократски начин да се испочитува волјата на мнозинството граѓани, вели Мицкоски.

Според него, уште кога Зоран Заев поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ, требало да се оди на предвремени избори. 

- Природно беше Зоран Заев кога поднесе оставка во СДСМ, да поднесе оставка во Владата и да одиме на избори, но тогаш на чуден незапаметен начин се постави Димитар Ковачевски и ќе дојдеме до заклучок дека тоа е првата посериозна грешка по локалните избори, а потоа потчинетата улога и неискуството на Ковачевски дојде до израз, вели Мицкоски.

Во една таква ситуација, според Мицкоски, ДУИ се наметнала, а СДСМ за да ја задржи власта влегувала од грешка во грешка. 

- Луѓето се чувствуваат дека имаме малкумина кои се привилегирани и граѓани од прв ред и мнозинство граѓани од втор ред и конечно затоа не чуди оваа бројка на овие избори и ако таа после втор круг се зголеми да надмине 550.000 или 600.000 гласа и не би се изненадил ако ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник или биде блиску, вели Мицкоски во поткастот на Плусинфо.

За кампањата на коалицијата предводена од СДСМ рече дека е конфузна и збунувачка и дека од митинг на митинг имаат различна порака. 

Тука е и она однесување на претседателскиот кандидат кој е понастрана од раководството. Претпоставувам проценката била дека тој има поголем рејтинг од партијата, па затоа очекувале подобар резултат во првиот круг па на бранот на тој подобар резултат нешто да направат во вториот круг што мислам дека е целосно погрешно, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју во подкастот на Плусинфо истакна дека по победата следува одговорност за сите оние кои направиле криминал, но и дека нема да има одмаздничко однесување. бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан