• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски меѓу пензионерите во Гази Баба: За 100 дена ги покачивме пензиите, продолжуваме да работиме 100 отсто посветено

Мицкоски меѓу пензионерите во Гази Баба: За 100 дена ги покачивме пензиите, продолжуваме да работиме 100 отсто посветено

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски попладнево, на средба со пензионерите во Гази Баба, порача дека Владата продолжува да работи посветено за сите граѓани. Тој потсети дека за 100 дена Владата ги покачи пензиите, како и дека ги обезбеди оние пет милијарди за исплата на досегашните висини на пензиите. 

Се осврна и на позитивната листа, потенцирајќи дека на неа се додадени уште девет генерички лекови, а листата, напомена, ќе продолжи да се дополнува.

-Многумина не прашуваа „од каде ќе најдете пари, како ќе најдете пари“. Успеавме да најдеме пари, а пари најдовме на начин на кој не сакавме да ги крадеме граѓаните, не сакавме да ве крадеме вас, туку сакавме да работиме чесно, достоинствено и на тој начин да имаме поголем прилив во Буџетот и со тој поголем прилив да овозможиме вие да уживате во тоа што сте го заслужиле, работејќи макотрпно целиот ваш работен век. И зашто требаше да поминат 100 дена? Зашто овие 100 дена кога го правевме планот беа претпоставени дека ќе бидат доволни да можеме да акумулираме доволно заштеда за да овозможиме да имаме најпрво половина од онаа сума што ја ветивме, а потоа за уште 6 месеци со новиот Буџет и втората половина што во рок од 9 месеци, не од година, да го испорачаме тоа ветување што сме го дале, истакна премиерот.

Мицкоски потсети и што наследиле од претходната власт.

-Состојбата беше многу сложена, многу тешка, првиот ден кога дојдовме на работа, 24ти Јуни, сметката на владата беше – 200 милиони евра. Ниту една не затекнала такво цунами како што оваа Влада затекнала. Работевме многу, макотрпно, чесно и можам да кажам дека полека но сигурно приходите во буџетот се зголемуваат затоа што веќе народот никој не го краде, никој нема право да го краде, туку треба да работи за народот, да биде слуга на народот. УЈП ги зголемуваше своите приходи, Царината ги зголемуваше своите приходи, и на тој начин има повеќе за вас, повеќе за граѓаните. Тоа е она за коешто се заветивме како Влада и тоа е она што ќе го работиме. Но има и други работи коишто ги направивме, коишто вие можеби во меѓувреме не ги гледавте и не сакавме многу да зборуваме. Повеќе да работиме, помалку да зборуваме, рече претседателот на Владата.

Пред да се направи ребалансот на Буџетот во кој беа предвидени овие зголемувања и покачувања на пензиите, претходната влада заборавила, нагласи Мицкоски, во првата верзија од Буџетот што беше тековен да предвиди пет милијарди денари.

-Тоа е 80 милиони евра за тековните, и не станува збор за покачените, за тековните недостасувале 5 милијарди денари. Така што со ребалансот не само што ги обезбедиле овие зголемувања коишто се мали, недоволно, но доволно за човек денеска да се почувствува малку горд. Не сакам да заборавите и една друга работа која со министерот за здравство ја промовиравме, дека после една деценија вклучивме нови девет генерички лекови на позитивната листа, нагласи Мицкоски, додавајќи дека листата ќе се дополнува.

Премиерот со пензионерите зборуваше и за мерки со кои, како што нагласи, Владата успеа инфлацијата да ја сведе на ниво најниско во регионот и Европа.

-Не напаѓаа, платите не растеле. Видовте, Државниот завод за статистика во јули излезе со податоци дека не само што растат платите, туку растат споредбено со минатите години, но тогаш цените и инфлацијата беа 25 отсто, а сега се само 2,2. И тоа не е доволно, ќе биде уште пониско со новите мерки помалку трошоци, повеќе за вас, потенцира премиерот.

Кажа и дека се што се работело во изминатиот период, било за да се направи што повеќе за граѓаните. 

-За овие 100 дена некој ќе ми го постави прашањето: Дали сте задоволни? Секогаш може повеќе. Но, сум задоволен. Задоволен сум зашто го оставивме срцето на терен, зашто се боревме храбро, зашто работевме чесно, вредно и макотрпно и затоа што во првите 100 дена најголем број од големите ветувања ги испорачавме. Во месеците и годините што следат ќе имаме многу позитивни изненадувања, уште многу ваков тип испораки, рече Мицкоски на средбата со пензионерите од Гази Баба. мч/аа/

фото: Влада на РСМ

Остани поврзан