• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица

Мицкоски: Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица

Скопје, 12 јуни 2024 (МИА) - Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица, изјави мандатарот за состав на нова влада Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање да даде коментар на препораките од САД и Франција да се почитуваат меѓународните договори.

-Договорот е договор помеѓу најмалку две страни, и треба и двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, и ние како идна влада го почитуваме во детали, се што е дел од нашето законодавство, во Устав, се почитува во детали, и тука не треба да има никој никаква дилема. Но истовремено очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед, да ги почитува. Креиравме документ колку е имплементрирано од наша страна, а колку е имплементирано од грчка страна, и планираме да го запознаеме секој оној којшто е љубопитен да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот меѓународен договор, потенцира Мицкоски. 

Вели дека очекува сите наши стратешки партнери кои се дел од тие договори ќе ги почитуваат онака што како и ние како држава ги почитуваме.

Во однос на тоа колку победата на Европската народна партија ќе биде исчекор во проширувањето на ЕУ, Мицкоски вели дека очекува да продолжи патот којшто беше трасиран а тоа е, вели, отворениот пат на евроинтеграции, на државите кои сакаат да бидат дел од европското семејство. 

-Европската народна партија е голем поддржувач. За жал, Македонија како држава можеби беше многу поподготвена од голем дел и од земјите-членки на самата Европска Унија, но поради услови кои никој порано ги немал, е жртва на политиките на некои политичари, и за жал се уште, после две и пол децении не може да ги отпочне преговорите, рече тој.

Очекува, како што вели, дека ќе преовлада разумот, очекувам дека идниот состав на Европската комисија ќе работи поинтензивно и дека единствен критериум ќе бидат Копенхашките критериуми, и додаде дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јасен - диктати и ултиматуми не прифаќаме.

-Грешката која ја направи се уште актуелната Влада за жал ги наруши преговарачките позиции и лековерноста на некој од политичарите кои беа и се се уште дел од оваа Влада ни ги отежна позциите но јас сум убеден дека ќе преовлада разумот дека ќе разговараме за иднина а не за минато, и дек аимаме разумен предлог којто ВМРО-ДПМНЕ го има како дел од својата изборна програма и дека ќе наидеме на разбирање и дека ќе го откочиме патот и јас сум убеден дека во фуриозен стил Македонија ќе биде дел од ЕУ, рече Мицкоски во изјава за медиуми пред почетокот на Шестата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС. нд/са/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан