• сабота, 16 ноември 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не поддржува уставни измени под вакви услови, но е спремна да влезе во влада со СДСМ без ДУИ (ДПЛ)

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не поддржува уставни измени под вакви услови, но е спремна да влезе во влада со СДСМ без ДУИ (ДПЛ)

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, кому „јасно му кажал“ дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи.

Тој посочи дека на средбата премиерот Ковачевски предложил во рамки на Парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ.

- Тој предложи да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори, за кој добивме потврда денеска дека не е почнат и потоа да бидат затворени едно две или три поглавја во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори, рече Мицкоски.

На оваа понуда на Ковачевски Мицкоски одговорил дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество во истата влада на ДУИ.

- ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во таква влада, со тоа што избори подготвува техничка влада сто дена пред одржување на избори, и евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамки на ЕУ од парламентите на 27 земји членки, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека премиерот Ковачевски ваквиот предлог го протолкувал како кршење на преговарачката рамка.

- Тогаш му предложив да одиме на предвремени избори кои ќе се одржат на три датуми на есен, да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонски јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда или гаранција за сето ова што го зборуваме, па да видиме дали е така како што ни велат, имајќи предвид дека и Бугарија има легитимна Влада и со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани дека Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има навистина чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство, изјави Мицкоски. 

По ова, според него, би требало да се побара од претседателката на Европската комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот за да се подготви земјата за процесот на преговори за да биде конкурентна на европскиот пазар и да може да ги задржи луѓето тука. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека и покрај бројните шпекулации во јавноста со тоа дека се обезбедиле 80 пратеници, 44-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата стојат заедно на ставот дека уставни измени на ваков начин нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат.  

- Кажав пред една година дека таа преговарачка рамка со тие услови за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлива, но и за огромното мнозинство македонски граѓани, бидејќи под тие услови ние никогаш нема да бидеме дел од ЕУ иако тоа го заслуживме многу поодамна и многу пред други европски народи коишто веќе се таму, рече Мицкоски.

Според него, добро е што лидерската средба се одржала бидејќи е воспоставен одреден вид на комуникација, која и покрај бројните шпекулации коишто во јавноста, досега ја немало. Тој додаде дека на средбата покрај за евроинтеграциите станало збор и за добрососедство,

- Добрососедството значи двонасочна улица, не еднонасочна, значи и нашите соседи треба да бидат добри соседи. Јас би сакал да бидам добар сосед со нашиот источен сосед со Бугарија и од оние 14-13 веќе завршени судски случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, од кои шест се конечни и веќе во септември треба Бугарија да ги имплементира, да одбере три и тие три да ги примени. Тогаш ќе речеме – добро е навистина постои нов ветар кај нашиот источен сосед, има добрососедство и нашинците во тој дел од земјата, во тој дел од Балканот во Бугарија ќе можат да се почувствуваат дека некој во нивната матична држава стои позади нив, истакна Мицкоски.  

Според него, ваквото барање не претставува промена на преговарачка рамка, туку само се бараат гаранции за нашинците во Бугарија и она што веќе го досудил Европскиот суд за човекови права.

- Не барам ништо повеќе од тоа што на нив им следува, за да видиме дека навистина македонскиот идентитет е таков каков што е, дека нема утре да имаме кочење во процесот на преговори, бидејќи сите велат дека тука никој нема проблем, еве начин да сето тоа се потврди, да покажеме грижа кон нашите таму, но и да покажеме грижа за нашите македонски граѓани, додаде Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека од Ковачевски бил информиран и дека иницијативата за промена на Уставот би можела да влезе во следните 10 дена, а ќе биде ставена на гласање кога ќе се создадат услови.

- Очигледно нема услови. Ќе ја мачиме ли македонската јавност дополнително. Да заклучам, ценам дека лидерската средба ги покажа јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во Парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин на релаксирање на општеството е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори за да можат граѓаните да добијат влада онаква каква што заслужуваат, а не влада која што не ги застапува нивните интереси, изјави Мицкоски.  

Прашан дали ако не следните озбори „победат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, партијата нема да се согласи на формирање влада со Демократската унија за интеграција, Мицкоски изјави дека по во 2017 година веќе не важи правило влада да формираат „победникот со победникот“.

– Завршена е таа работа. Во иднина ќе мора владите да се прават на основа на политики, на основа на реформи, а не на основа на тоа победник со победник. Тоа е суштината. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе направиме се во рамките на демократијата, законот и Уставот, после следните – дали ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори, каде што очигледен и јасен победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ да биде во опозиција и тоа е добро да помине одреден период во опозиција, поради внатрешно реструктуирање. Секогаш е добро за една политичка структура да помине една своевидна катарза во опозиција за да може поподготвена да настапи на следните избори и потоа со свежи идеи и политики да биде дел од некоја идна влада, додаде Мицкоски. сп/свс/

Остани поврзан