Мицкоски: Буџетот што го наследивме беше во алармантна состојба, Обвинителството да го истражи работењето во РЕК Битола со долг од 5 милијарди денари
- Состојбата со буџетот што го наследивме не беше тешка, туку алармантна и можеби оваа Влада е единствената која што уште во процесот на формирање беше нападната од сегашната опозиција и од одредени здруженија на граѓани, синдикални организации дека е против работничките права и зголемување на платите, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) – Состојбата со буџетот што го наследивме не беше тешка, туку алармантна и можеби оваа Влада е единствената која што уште во процесот на формирање беше нападната од сегашната опозиција и од одредени здруженија на граѓани, синдикални организации дека е против работничките права и зголемување на платите, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.
-Дупката беше толку голема, злоупотребите беа такви и континуирано излегуваа на површина акумулирани долгови, што тоа нѐ загрижи и велевме сега што правиме и како ќе ја завршиме годината, имајќи предвид дека за редовните исплати недостасуваа средства. Недисциплина, демотивирање во администрацијата, моралот беше на ниско ниво, сѐ уште во институциите распослани кадри од претходната власт на СДСМ и ДУИ. Само за редовна исплата на пензии, недостасуваа 5 милијарди денари во Буџетот, но не било заборавено да бидат исплатени авансите за проектите кои што никогаш не тргнале. Еве на пример, не било заборавено да се исплатат речиси 300 милиони евра за еден клучен проект, кој што требаше оваа Влада да дојде, да ги откочи сите проекти, и да може денеска тој проект да се движи и тоа се гледа на лице место. Тоа е проектот кој што ќе ги поврзува во иднина Гостивар со селото Букојчани и Прилеп со Битола, истакна Мицкоски.
Премиерот упати повик до Јавното обивителство да провери кој е подизведувач на работите на делницата од Гостивар до Букојчани и дали му е одземена лиценцата поради тоа што му се урнал мост на друг проект на пругата од Коридорот 8, каде исто така бил подизведувач.
Со ребаланс на Буџетот, Владата обезбедила средства за исплата на регрес за годишен одмор на вработените во админстрацијата, како и пари за поддршка на општините.
-Една милијарда денари недостасуваа за К-15. Не ја предвиделе во Буџетот, а со ребалансот ние и тие ги обезбедивме. Сега, во декември, ќе се исплати на повеќе од 83 илјади вработени во јавната администрација. Оваа Влада обезбеди речиси 500 милиони евра инвестиции во сите општини, без разлика дали градоначалникот е од ДУИ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, независен, ВРЕДИ. Знаете што правела претходната Влада, 50 милиони евра земени пари, одобрени пари од Европска инвестициска банка за проекти за комунална инфраструктура, водоводи и канализации стоеле затоа што градоначалниците во најголем дел биле од опозицијата во тоа време. Дојде сега овој министер Изет Меџити, го одглави процесот, без разлика што ќе има корисници од различни политички партии, тоа е за граѓаните, додаде Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека Јавното обвинителство треба да го истражи и работењето во РЕК Битола, каде биле направени огромни долгови.
-Немаше предвидено за плати во неколку јавни претпријатија и во институции. Бидејќи го спомнавте РЕК Битола, 5 милијарди денари е долгот. И еве, повторно го повикувам Јавниот обвинител ако не е анксиозен, со покачена температура, со грчеви во стомакот и цревата, да влезат во компанијата и да истражат како инстант компании, јас ќе им ги дадам адресите од рурални места во Западна Македонија, преку ноќ стануваат милионери. Ќе им ги дадам адресите, со име и презиме од сопствениците на тие компании, истакна премиерот Мицкоски.та/лв/