• сабота, 27 јули 2024

Митрески: Интенцијата е да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција

Митрески: Интенцијата е да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Потврдувам дека во СДСМ постои и секогаш ќе постои волја за изработка на нов Деловник и за обезбедување функционално работење на Собранието, истакна на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Тој изрази жалење поради, како што рече, оваа „второ закажување на четвртото продолжение“ на Дијалогот Жан Моне во Собранието. - Првото што беше закажано на 28 октомври беше одложено по барање на ВМРО-ДПМНЕ, заради нивни партиски активности, а не знам која е причината за денешното нивно неучество. Меѓутоа, не сакам да верувам и сакам да испратам повик до нив дека не би требало да бидат обвинети да земат уште една обврска во делот на негативните извештаи на Европската комисија кои се однесуваат на Собранието. Фактички, после активната блокада, ова ќе биде втората работа за која што ќе бидат обвинети. Како што и претходно знаете и во Извештајот на Европската комисија, посебно во делот кој се однесува на Собранието, освен забелешките кои што беа директно упатени до опозицијата во делот на активната блокада која што ја спроведуваат во овој период, постоеше и укажување или насока за продолжување на Дијалогот Жан Моне во Собранието под покровителство на претседателот, рече Митрески. Тој потсети дека и последните измени на овој Деловник во 2013 година и претходно во 2008 година, беа донесени без учество на тогашната опозиција во нивната изработка и упати повик до актуелната опозиција да се вклучи во процесот со цел сите заедно да донесат Деловник кој што ќе обезбеди функционално Собрание. Интенцијата, рече тој, треба да ни биде да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција. - Успорено е функционирањето на Собранието, а посебно во вакви ситуации – криза, ковид последици, економска и енергетска криза, проблем со зголемување на цените на производите на основните производи... Ние мора да имаме функционално Собрание за побрзо да се движат работите во законодавниот дом. Зошто? Затоа што и за предлозите кои што доаѓаат и од пратеници, но и предлозите од Влада кои што се однесуваат за помош на граѓаните, имаме ситуација да се закажуваат подоцна и да доцнат и да навлегуваме во некакви рокови кои се веќе планирани со предлози на закони, за на крај да бидат неспроведливи, па да поднесуваме амандмани. Сето тоа е кочење во процедурата или помала функционалност, од што на крај штета имаат граѓаните и фирмите, рече Митрески. Во одговор на новинарско прашање во врска со вчерашната лидерска средба свикана од премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, Митрески смета дека таков формат треба да одлучува за прашања кои се однесуваат за европската иднина на земјата. - Се надевам дека ќе продолжат, затоа што мислам дека треба таков формат да одлучува за вакви прашања, посебно кога станува збор за европската иднина и заедно да одлучиме за патот за европската иднина на нашата земја. Сигурен сум дека тоа е точно, дека ние како партии сме се определиле дека нашата стратешка цел освен членството во НАТО, е и членството во ЕУ. Не знам колку резолуции и декларации сме гласале сите заедно каде што во Собранието ги определуваме нашите стратешки цели, посочи тој. Според Митрески, со внесувањето на Бугарите во Уставот уште еднаш го потврдуваме македонскиот идентитет, дека постои и македонски народ заедно со бугарскиот, како два посебни народи. - Со оглед на тоа што повикот е обезбедување на европскиот пат на нашата земја, очекувам дека и тоа е можно во следниот период. Повикот е за размислување до пратениците на опозицијата, најчесто на ВМРО ДПМНЕ, што значи внесувањето на Бугарите во Уставот. И ние имаме период додека трае скриниг процесот, да се седне пак дополнително уште еднаш, трет пат, четврти пат, да се извадат аргументите што значи тоа за нашата земја и очекувам дека на крајот на денот ќе има повеќе од 80 пратеници за изгласување на измените во Уставот, рече Митрески. фф/сп/

Остани поврзан