• среда, 27 ноември 2024

Митева: Законот за реорганизација на државната управа изгласан со двотретинско мнозинство

Митева: Законот за реорганизација на државната управа изгласан со двотретинско мнозинство

Скопје, 8 јуни 2024 (МИА) - Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева денеска на прес-конференција рече дека со изгласувањето на Законот за реорганизација на државната управа е направен првиот чекор кон комплетна ефикасност, рационализација и транспаретност на институциите во државата.

Законските измени, како што посочи, биле работени и со претставници на ЕУ и истите се дел од ИПА програмата.

- Покажавме силен капацитет во Собранието, покажавме дека ВМРО-ДПМНЕ умее да води конструктивен политички дијалог за обезбедување на 2/3 мнозинство низ предлози кои решаваат системски и важни прашања за нашите граѓани. За првпат по долги години, парламентарното мнозинство, предлага закон за структурни реформи, кој во својата суштина е развоен и трансформативен, со што не се остави простор за негово проблематизирање на ниту една партија која нема задни намери истиот да не го поддржи, рече Митева.

За првпат, според Митева, и претставниците на ДУИ гласале без можност да условуваат, затоа што законските измени се реформски и транспарентни.

Митева најави дека сите законски измени и систематски промени ќе бидат работени низ јасна процедура, со јасен и недвосмислен законски наратив, кој нема да остави простор за проблематизирање и блокирање од било кого. бд/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан