МИОА ќе соработува со седум универзитети во областите јавна администрација, ИКТ и медиуми
- Министерството за информатичко општетство и администрација ќе соработува со седум универзитети во земјава во областите јавна администрација, информатичко-комуникациски технологии и медиуми.

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) – Министерството за информатичко општетство и администрација ќе соработува со седум универзитети во земјава во областите јавна администрација, информатичко-комуникациски технологии и медиуми.
За таа цел министерот Азир Алиу денеска потпиша меморандум за соработка со ректорите односно претставниците на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот на Југоисточна Европа, Државен универзитет Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје.
Алиу изјави дека МИОА има активни закони за креирање систем поврзан со областите во кои ќе се соработува и дека тоа не може да се спроведе без вклученост на универзитетите.
-По овој меморандум цениме дека ќе имаме заеднички настапи, и од аспект на креирање нови политики, но и од аспект на имплементирање на постојните законски решенија на ниво на државата. Се надевам дека е ова само прв чекор каде што МИОА заедно со универзитетите ќе креираат нови вредности во државата, изјави Алиу по потпишувањето на меморандумот. хс/лв/
Фото: МИА