• четврток, 19 декември 2024

Минчев: Управувањето со квалитет е клучно за модерна и одговорна јавна администрација

Минчев: Управувањето со квалитет е клучно за модерна и одговорна јавна администрација

Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска се обратил на иницијалниот состанок на Координативното тело за управување со квалитет, каде што учествувале претставници од SIGMA, Европскиот институт за јавна администрација (EIPA), Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), како и членови на Координативното тело.

Како што информираат од Министерството за јавна администрација, Минчев ја истакнал важноста на управувањето со квалитет како темел за современа, ефикасна и одговорна јавна администрација. Тој нагласил дека воведувањето на системите за управување со квалитет, како што се CAF и ISSO, отвора нови можности за јакнење на институционалните капацитети, поставување јасни цели и визии, како и за подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите.

Министерот ја изразил својата загриженост за ниската реализација на активностите предвидени во Националниот план за 2023-2025 и Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030. Тој ги повикал членовите на Координативното тело на сериозен пристап и активно учество во нивната имплементација.

- Само преку заедничка работа на сите јавни институции можеме да го трансформираме јавниот сектор и да ја зголемиме довербата на граѓаните во институциите, посочил Минчев.

На крајот, тој ги охрабрил присутните да продолжат со посветеност и да го поддржат Координативното тело како столб на напорите за подобрување на квалитетот во јавниот сектор.

Како што посочуваат од Министерството, состанокот бил оценет како важен чекор во поставувањето на основата за ново поглавје во управувањето со квалитет во јавниот сектор на Република Македонија. фф/бак/

Фото: Министерство за јавна администрација

Остани поврзан