Минчев се обрати на третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2024-2026
- Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска се обрати на третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година, информираат од Министерството.
Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска се обрати на третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година, информираат од Министерството.
Во поздравното обраќање, министерот ја истакнал важноста на Партнерството за отворена власт како стратешка иницијатива за модернизација на јавната администрација и за обезбедување поефикасна, транспарентна и отчетна влада, која е во служба на граѓаните.
-Иницијативата за отворена власт има глобално значење и е клучен чекор во унапредувањето на довербата помеѓу граѓаните и институциите. Преку вклучување на јавните институции, граѓанскиот сектор и другите засегнати страни, создадовме платформа за активно учество и дијалог, истакнал министерот Минчев.
Тој додал дека Министерството за јавна администрација, како водечка институција во оваа иницијатива, ќе продолжи да ги обезбедува сите потребни ресурси и координација за успешна имплементација на заложбите од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година.
Министерот ја нагласил важноста на иновациите и креативноста во креирањето на нови идеи за идните планови, посочувајќи дека секој придонес од членовите на Советот е клучен за развојот на политики кои ќе бидат транспарентни, инклузивни и одговорни.
-Заедно, преку соработка и посветеност, ќе продолжиме да градиме поотворена и поефикасна јавна администрација која ќе биде во служба на сите граѓани, потенцирал министерот Минчев, изразувајќи благодарност до членовите на Советот за нивната посветеност и ангажман. сст/нд/
фото Министерство за јавна администрација