• вторник, 24 декември 2024

Министрите за земјоделство од ЈИЕ ќе потпишат декларација за унапредување на соработката

Министрите за земјоделство од ЈИЕ ќе потпишат декларација за унапредување на соработката

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Заедничка декларација за надминување на сите билатерални и мултилатерални конфликти поврзани со слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, како и со храната и земјоделството, но и за решавање на сите прашања со добра волја, во дух на солидарност и добрососедски односи, ќе биде потпишана на 18. Годишен работен состанок на министри за земјоделство од земјите од Југоисточна Европа што се одржува денеска во Скопје.

Во фокусот на работниот состанок беа Берлинскиот процес, претстојната реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, безбедноста на храната, ИПАРД и регионалната соработка.

-Ќе продолжиме со регионалната соработка, меѓусебната размена на информации и заемната помош во регионот. Со декларацијата ќе ја изразиме нашата силна решеност да креираме политики и национални акциски планови за да постигнеме национална и регионална безбедност на храната, како и стратешка автономија во отворената економија за обезбедување одржливо и конкурентно производство за населението од целиот овој регион, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој беше домаќин на работниот состанок.

Според еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски, многу е важна соработката на земјите од регионот кои се кандидати за членство во ЕУ. 

-Многу сме заинтересирани да ги имаме Северна Македонија и останатите земји од регионот во ЕУ. Ве чекаме што е можно побрзо. Унијата не е комплетна без вашите држави. Земјоделството е многу битен, но и тежок дел од пристапувањето. Јас сум од Полска и одлично се сеќавам на нашето искуство од пред 20 години. Сакам да потенцирам три точки поврзани со декларацијата: сигурност во обезбедувањето на храната - процес во кој се клучни фармерите (производителите), агроекологија и органско земјоделство, како и потенцијалот на малите и средните семејни земјоделски стопанства, истакна Војчеховски.

Не е точно секогаш, рече, дека продуктвното земјоделство бара поголеми фарми, многу се важни и малите и средните семејни стопанства кои имаат голем потенцијал во Северна Македонија.

Министерот за земјоделство на Црна Гора Владимир Јоковиќ оцени дека работниот состанок е одлична можност да се поразговара за регионалната соработка.

-Зборуваме за предизвиците со кои се соочува земјоделството, а тоа се климатските промени и заразните болести, не само на растенијата, туку и на животните. Верувам дека ќе постигнеме напредок во нашата соработка која е на исклулително високо ниво, зашто меѓу Северна Македонија и Црна Гора постои искрено пријателство. Верувам дека ќе напредуваме во земјоделството, и со помош на ЕУ и преку користењето на европските фондови. Проблеми, секако, има, но тука сме за да ги решаваме, истакна Јоковиќ.

Според косовскиот министер за земјоделство Фатон Пеци, целта на состанокот е разменување искуства и практики, посебно во делот на легислативата.

-Тука сме да размениме информации, да видиме кои се најдобрите практики и да ја унапредиме соработката. Како мали земји, треба да направиме напори во однос на органското земјоделство, земјоделските политики и легислативи, снабдувањето со храна,... Пред нас се многу предизвици, како руската агресија врз Украина, истакна Пеци.

Министерката за земјоделство и рурален развој Фрида Крифца укажа на потребата од што повеќе комуникација меѓу земјите од регионот.  

Во текот на воведните излагања еврокомесарот Војчеховски и порача на земјава дека треба да обезбеди одржливост на агро секторот, конкурентни синџири на исхрана и силна администрација. Како што нагласи, приклучувањето кон ЕУ од аспект на земјоделството ќе донесе предизвици, но и многу можности. Потсети дека ИПАРД Програмата е корисна алатка за поддршка на земјоделството, но не може, рече, да функционира ефикасно без силна, квалитетна администрација. мч/лв/

фото/видео: МИА

 

Остани поврзан