• петок, 26 јули 2024

Министерствата за локална самоуправа и за дигитална трансформација во соработка со општините ги интензивираат активностите за дигитализација на локалните услуги

Министерствата за локална самоуправа и за дигитална трансформација во соработка со општините ги интензивираат активностите за дигитализација на локалните услуги

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска имал состанок со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на кој се разговарало за конкретните чекори за дигитализација на општините, со вклученост и на донаторската заедница.

На состанокот, како што соопштија од Министерството за локална самоуправа (МЛС), биле презентирани можностите за вклучување на сите општини во процесот на дигитализација со цел и помалите општини да можат да го фатат чекорот со поддршка од надлежните министерства.

- Притоа беше констатирано дека основите се веќе поставени со воспоставената електронска платформа од страна на УНДП и на Министерството за локална самоуправа, а ќе се направат напори за вклучување на услугите на националниот портал за услуги воден од Министерството за дигитална трансформација, се вели во соопштението.

Претставниците од УНДП истакнале дека изразената подготвеност од страна на надлежните министерства да се интензивираат работите дава можност целиот процес на дигитализација на локално ниво да се заокружи многу побрзо од планираната динамика.

Перински истакнал дека Министерството за локална самоуправа ќе го води овој процес и очекува поддршка од сите вклучени страни, а општините нема да бидат оставени сами.

- Ќе работиме на обезбедување на сите технички услови и на зајакнување на административните капацитети на локално ниво, а помалите општини ќе бидат вклучени без исклучок, со воспоставување на меѓуопштинска соработка со поголемите и покапацитетни општини, рекол министерот Перински.

Перински нагласил дека целиот процес ќе се води системски за што веднаш ќе се ревидираат планираните активности во нацрт Акцискиот план за спроведување на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација и по неговото усвојување од страна на Владата целиот процес ќе биде предвидлив со точно утврдена временска рамка за реализација на сите конкретни чекори. цр/ев/

Фото: МЛС

Остани поврзан