Министерот Љутков на отворање на изложбата на Рембрант во Виена
- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, е во дводневна посета на Виена, каде што вчеравечер во Виенскиот музеј за историја на уметноста (Kunsthistorisches Museum Vienna) присуствувал на отворањето на изложбата на Рембрант, заедно со австрискиот претседател Александер ван ден Белен и значајни личности од културниот и општествено-политичкиот живот на Австрија.
Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, е во дводневна посета на Виена, каде што вчеравечер во Виенскиот музеј за историја на уметноста (Kunsthistorisches Museum Vienna) присуствувал на отворањето на изложбата на Рембрант, заедно со австрискиот претседател Александер ван ден Белен и значајни личности од културниот и општествено-политичкиот живот на Австрија.
- Овој голем настан е уникатен зашто за прв пат во овој музеј и во Виена се изложуваат над 60 дела од славниот сликар од 17 век, а се позајмени од многу институции од повеќе држави од светот. Станува збор за изложба на дела од Рембрант од перспектива на неговиот талентиран ученик Хогстратен, соопшти Министерството за култура и туризам.
На настанот присуствувал и македонскиот амбасадор во Австрија, Освит Росоклија, а министерот Љутков остварил средба и со директорката на Музејот, Сабина Хаг.
- Изложбата се најавува како исклучителен настан за европската култура зашто изобилува со ретка меѓународна збирка на ремек-дела од Рембрант, дава увид во холандското барокно сликарство, но и ја осветлува поврзаноста меѓу Рембрант и Хогстратен вклопена во изложба надградена со виртуелната реалност, се наведува во соопштението.
Министерот Љутков вечер ќе присуствува на концертот на Камерниот оркестар на Националната опера и балет, кој гостува во „Ehrbar Saal“ во Виена. дма/бак/
Фото: Министерството за култура и туризам