• сабота, 23 ноември 2024

Министерката Божиновска учествува на „Неделата на одржлива енергија“ на УНЕЦЕ во Женева

Министерката Божиновска учествува на „Неделата на одржлива енергија“ на УНЕЦЕ во Женева

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на „Неделата на одржлива енергија“ што се одржува во Женева, Швајцарија. Како панелист на две панел дискусии министерката даде свој осврт за насоките според кои се имплементира праведната транзиција, како нераскинлив  дел од процесот  на зелена транзиција на земјите од регионот, исто така говореше на темата за забрзување на енергетската транзиција, информираат денеска од Министерството.

 - Задоволна сум што како земја повторно имаме можност да учествуваме директно во дискусиите на еден од најреномираните настани за енергетика во Европа. Овој неколкудневен настан ќе ни помогне да го пренесеме нашиот став како Влада во врска со сериозните процеси што го очекуваат регионот на патот кон зеленото сценарио, декарбонизацијата и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Вртењето кон обновливите извори на енергија е наш императив и еден од главните приоритети во годините пред нас. Сигурна сум дека со колегите од регионот на УНЕЦЕ ќе имаме исклучителна можност за вмрежување и отворање на дискусии за сите предизвици во носечките процеси на енергетска транзиција, изјавила Божиновска.   

Министерката остварила билатерални средби со значајни претставници и чинители во полето на одржливата енергија, како заменик-извршниот секретар на UNECE, Дмитриј Маријасин, државниот секретар во Министерството за енергетика на Молдавија, Каролина Новак, и учествувала на работен состанок со претседавачите на Комитетот на UNECE за одржлива енергија Јурген Кејнхорст и Маргалита Арабидзе.

Работата на УНЕЦЕ,  како организатор на Неделата на одржлива енергија е со цел да се подобри пристапот до достапна и чиста енергија за сите и да помогне во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и јаглеродниот отпечаток на енергетскиот сектор во регионот. Овој настан се фокусира на широката дискусија за изградба на еластични енергетски системи за праведна енергетска транзиција во регионот на УНЕЦЕ. сст/лв/

фото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан