• петок, 21 март 2025

Милиони луѓе ширум светот прославуваат Новруз

Милиони луѓе ширум светот прославуваат Новруз

Техеран 20 март 2025 (МИА) – Милиони луѓе ширум светот денеска ја слават персиската Нова година или Новруз. Новруз, што значи „нов ден“, е традиционална прослава со која се одбележува првиот ден од пролетта и обновувањето на природата. Ја означува пролетната рамноденица, кога ноќта и денот се со еднаква должина и се одбележува на 20 или 21 март.

Според иранскиот и авганистанскиот календар од денеска почнува 1404 година.

Новруз се одбележува со ритуали, церемонии и културни настани, како и посебен оброк со најблиските. Луѓето носат нова облека, ги посетуваат семејството и пријателите и разменуваат подароци, особено за децата.

Прославувањето на Новруз потекнува од древната персиска империја и зороастрискиот календар, за славење на повторното раѓање на природата, триумфот на светлината над темнината и ветувањето за нови почетоци, и во природата и во човечкиот дух.

Прославата годинава е во сенка на кризи во многу земји. Иран е погоден од економска криза, а во Авганистан талибанците по преземањето на власта во август 2021 година забранија прослави. Во други исламски држави властите толерираат приватни собири, а прославата на Новруз ја сметаат како обичај на неверниците.

Во Иран на синоќешната прослава на иранскиот фестивал на огнот „Чахаршанбе Сури“ загинаа најмалку 21 човек, а 6.419 се повредени. Фестивалот почна синоќа со палење на огнови, пиротехнички средства и рачно изработени експлозивни направи во пресрет на Новруз. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан