• сабота, 23 ноември 2024

Милатовиќ: Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан

Милатовиќ: Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан

Тиват, 8 октомври 2024 (МИА) - Во време на геополитичка неизвесност, сметаме дека промовирањето на дијалогот е дел од решението, изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на прес-конференција во рамки на Самитот на процесот Брдо-Бриони.

Тој рече дека му претставува голема чест да биде домаќин на овој самит, а заедничката порака на претседателите на земјите учеснички е „дека нашиот простор е област на заеднички вредности, мир и просперитет“.

„Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан, длабоко сум убеден дека успехот на Црна Гора ќе биде поттик за сите други земји во регионот и дека ќе претставува голем чекор напред“, рече Милатовиќ.

Тој додаде дека проширувањето на ЕУ не е само потреба, туку е и поставена цел и императив.

„Со разнишаниот светски поредок, цврсто верувам дека како лидери на Западен Балкан сме свесни за овој геополитички и политички момент, овој прозорец во ЕУ кога станува збор за проширувањето, и подготвени сме да ја искористиме можноста“, рече Милатовиќ.

Тој го пофали Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој го нарече стимулирачка алатка.

„Важно е да се истакне дека во земјите кои денеска беа на маса со нас ние извезуваме повеќе од 50 отсто од нашите производи, а тие сочинуваат 50 отсто од нашиот туристички потенцијал“, рече Милатовиќ.

Тој истакна дека демократскиот развој не треба да се зема „здраво за готово“.

„Долгорочната регионална стабилност подразбира добрососедски односи, соработка во добра волја... Црна Гора секогаш ќе биде земја која е посветена на добрососедските односи и стабилност“, рече Милатовиќ. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан