21 октомври 2024
Струга - Во Основниот суд во Струга денеска нема да се одржат двете закажани рочишта против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за незаконско поставување директори во основни училишта поради немање уредна достава до сведоците.
Од судот за МИА информираат дека имале проблеми со достава до сведоците.
Скопје – Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предвидува покачување на минималната плата на 27.700 денари, информираше денеска во законодавниот дом пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче.
Посочи дека со ваквото покачување не само што ќе се обезбеди финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијае на порастот на просечната плата.
Гостивар - Вакцинацијата против сезонски грип која почна денеска во Гостивар се спроведува на три пункта и предвидено е да се дадат околу две илјади дози. Споредено со лани, бројката на вакцини за гостиварскиот регион е зголемена за речиси 500 дози.
Според д-р Зорица Зафировска, епидемиолог во Центар за јавно здравје Тетово епидемиолошко одделение Гостивар, интересот споредено со претходните години е зголемен.
Тетово - Клубот Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) во Тетово е оштетен, скршено е стакло, па е фрлена неактивирана бомба и нема повредени луѓе, информираше партискиот претседател Самка Ибраимовски.
Според него, целиот настан е евидентиран преку камера која служи за видеонадзор.
Белград - Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан денеска во Белград изјави дека САД сакаат Србија и Косово да одат во правец на Европа и дека сметаат дека отворањето на дел од косовската граница за српските стоки е успех, но не можеше да одговори кога ќе се формира Сојузот на српските општини (ЗСО), јави дописникот на МИА од Белрад.
-Сакаме да ги видиме Србија и Косово во европските институции, рече О'Брајан за РТС.
Никозија – Официјалните веб страници на компанијата оператор на двата кипарски аеродроми, на Банката на Кипар, на Управата за електрична енергија, но и владини сајтови биле на мета на успешни и неуспешни хакерски напади од петокот до вчера, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарското издание на весникот „Катимерини“ пишува дека во изминатите денови земјата се соочува со масовни кибер напади, насочени кон чувствителни владини веб-страници и онлајн инфраструктура, а досега биле регистрирани најмалку шест случаи.
Рим - Неколку илјади луѓе се принудени да се евакуираат поради обилните дождови во северна Италија.
Во Болоња и околните области, над 2.000 жители ја поминаа ноќта во засолништа за итни случаи или со семејството и пријателите. Неколку улици се потопени, а 20-годишен маж загина во својот автомобил во надојдените води.
Анкара - Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига денеска за време на неговата посета на Анкара повика на поддршка за запирање на засилените руски удари врз украинските пристаништа на Црното Море.
Сибига истакна дека ваквите напади оштетиле четири цивилни бродови оваа есен.
Газа - Светската здравствена организација (СЗО) ќе евакуира околу илјада жени и деца од Појасот Газа во здравствените установи во Европа со цел да им пружи итна медицинска помош.
-Немаше да дојде до ова доколку дијалогот продолжеше. Најважниот лек е мирот, изјави претставникот на СЗО задолжен за Европа, Ханс Клуге, пренесува Ал Џезира.
Наблус - Најмалку 18 цивили загинаа, а десетици се ранети во денешниот напад на израелската артилерија врз централниот и северниот дел на градот Рафа и врз училиштето во кое се сместени лицата раселени од бегалскиот камп Џабалија.
Според локални извори, израелската артилерија ги гаѓала и областите Шабур, Кирбет ал Адас и Урајба во централниот и северниот дел на Рафа, јавија палестинските медиуми.
Тел Авив - Израелската армија (ИДФ) им се извини на властите во Либан за нападот во неделата во кој загинаа тројца либански војници во јужен Либан.
Во извинувањето се вели дека ИДФ „не се бори против либанската армија“ и дека војниците на ИДФ верувале дека гаѓале на возило на терористичката група Хезболах, пишува Тајмс оф Израел.
Киев - Русија втора ноќ по ред го нападна украинскиот главен град Киев во неколку бранови со беспилотни летала, оштетувајќи станбени згради и ранувајќи најмалку еден цивил, соопштија денеска украинските власти.
Украинската војска соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 59 од 116 руски беспилотни летала лансирани во текот на ноќта. „Армијата изгуби трага од 45 дронови кои најверојатно се урнати на украинска територија“, се додава во соопштението.
Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека претседателката на Молдавија, Маја Санду, мора да презентира докази за нејзините тврдења дека Русија се мешала во изборите во таа земја, „бидејќи тоа е сериозно обвинување“.
„Таа треба да презентира докази“, изјави Песков, одговарајќи на прашањето за реакцијата на Кремљ на обвинувањата на Маја Санду во врска со наводното мешање на Русија во изборите во недела и нејзината изјава дека „криминални групи во таа земја работат со странски сили“.