15 октомври 2024
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Како што изјави денеска, на општините им се исплатени блок дотациите, па на градоначалниците, но и на школите и директорите е да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната реакција на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој повика Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во оваа општина, Јаневска изрази верување дека „тој е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.
Скопје - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Герт Јан Копман, директор на Директоратот за соседство и проширување и Елена Флорес, заменичка на генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски прашања, којашто се одржа во Брисел, Белгија.
Како што информира денеска Народна банка на Северна Македонија, тема на средбата беше еден од приоритетите на Планот за раст на Западен Балкан, односно барањето на земјава за членство во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).
Скопје - По повод Меѓународниот ден на белиот стап, Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија го истакнува значењето на ова незаменливо помагало за лицата со оштетен вид.
- Белиот стап не е само симбол за слепиот човек, туку и алатка која нему му овозможува независност, слобода и безбедност при движењето, се подвлекува во денешното соопштение.
Штип - Бесплатно се користи јавниот градскиот превоз, има и субвенции на сметките на водата, а дел од членовите на Здружението на слепи лица во Штип, кои го знаат Брајовото писмо сметките за потрошената вода за пиење од ЈП „Исар“ ги добиваат на оваа писмо, истакна денеска на прес-конференцијата Драги Витанов, претседател на Здружението на слепи лица-Штип, Карбинци, Пробиштип, Радовиш и Конче.
Кочани – Педесетина професори и технички лица кои се вработени во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница денеска ја бојкотираа наставата и излегоа на протест за да го искажат незадоволството од разрешувањето на директорот на училиштето.
Одлуката за разрешување ја донел градоначалникот на Виница Миле Петков, а професорите и другите вработени за тоа дознале на состанокот на наставничкиот совет, на кој досегашниот директор ги информирал дека од вчера веќе не е на оваа функција.
Подгорица - Според резултатите од пописот одржан во декември минатата година, најмногу граѓани на Црна Гора се изјасниле како Црногорци - 41,12 отсто (256.436). По нив следат Србите со 32,93 отсто (205.370), додека 9,45 отсто од граѓаните (58.956) се изјасниле како Бошњаци. Вкупно 4,97 отсто од граѓаните (30.978) се изјасниле како Албанци, 2,06 отсто (12.824) како Руси, а 1,63 отсто (10.162) како муслимани. Свое мислење не сакале да го кажат 2,88 отсто од граѓаните или 17.907.
Ова беше објавено денеска на прес-конференцијата на Заводот за статистика (Монстат) во Подгорица, пренесува РТЦГ.
Сараево - Високиот меѓунароен претставник во БиХ Кристијан Шмит во интервју за телевизијата FACE изјави дека ќе направи сè за да се подобри целокупниот образовен систем во Босна и Херцеговина, а потоа ги стави во иста реченица осудениот воен злосторник Ратко Младиќ и првиот претседател на БиХ Алија Изетбеговиќ, пренесува Klix.ba.
Шмит зборуваше за различните наставни програми во двата ентитета на БиХ и истакна дека не сака да види две училишта под еден покрив, туку дека е можно само едно училиште под еден покрив.
Белград - Платформата за вработување Poslovi.infostud денеска соопшти дека го започнала 15. Регионален саем за вработување, на кој до 22 октомври онлајн ќе учествуваат повеќе од 120 работодавачи од Србија и регионот, нудејќи повеќе од 1.000 огласи за вработување, јавија српските медиуми.
Само во Србија се достапни над 500 огласи на кои работа понудиле повеќе од 40 компании.
Белград - Македонскиот режисер Стола Попов е годинашниот лауреат на почесната награда „Живојин Жика Павловиќ“ во Р.Србија за промоција на балканската кинематографија во светот, јави дописникот на МИА од Белград.
Оваа престижна награда ќе му биде врачена на годишното доделување на наградите за режисер на 17 октомври во Нови Сад.
По повод оваа награда, на 16 октомври во 20:30 часот во Арена Синеплекс во Нови Сад ќе биде организирана проекција на неговиот филм Gipsy Magic. Влезот за проекцијата е бесплатен.
Доха - Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, денеска изјави дека Израел намерно избрал да ја прошири својата агресија за да го исполни однапред планираниот дизајн на Западниот Брег и Либан.
-Израел го направи тоа „затоа што гледа можност“, додаде Ал Тани во својот годишен говор на отворањето на Консултативниот совет (Шура).
Будимпешта - Унгарија и руската компанија „Гаспром“ преговараат за договор за дополнителни испораки на гас за Будимпешта во текот на следната година, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за руската новинска агенција РИА, пренесува „Еурактив“.
- Веќе потпишавме еден (дополнителен договор) за последниот квартал од оваа година, кој опфаќа дополнителни количини по конкурентна цена. Во моментов преговараме за договор за следната година, рече Сијарто.
Стокхолм - Шведското обвинителство отвори истрага за силување во локален хотел, во кое можеби е вмешан напаѓачот на Реал Мадрид и на француската репрезентација, Килијан Мбапе, објави „Франс прес“.
Обвинителството одби да ги именува осомничените.
Токио - Официјалната кампања за парламентарните избори во Јапонија, кои ќе се одржат на 27 октомври, започна денеска, за време на која новиот премиер Шигеру Ишиба ќе побара мандат за својата политика и реформи по скандалот со политичките фондови на владејачката партија. Се очекува повеќе од 1.300 кандидати да учествуваат во трката за Долниот дом, кој брои 465 места, пред регистрацијата да заврши подоцна во текот на денот.
Лондон - Мајка на две деца од Велика Британија починала, откако горниот дел од тн. отомански кревет ѝ паднал на вратот и ја задушил, се вели во извештај на судските власти.
Отоманските кревети имаат главен дел што може да се подигне - обично со помош на хидраулика и гас, а под него има простор за складирање постела, облека итн. Немилиот настан се случил летово, кога Хелен Дејви (39) се наведнала над долниот дел на креветот и останала заробена меѓу подлогата и душекот којшто паднал поради неисправност на механизмот.