• среда, 20 ноември 2024
МИА Флеш

 25 октомври 2024

Скопје – Шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул ќе бидат отворени следната година, најави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија. 

Како што информираше министерот Николоски, четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.

Скопје - Следната година ќе мораме да работиме системски за да профункционира градот Скопје и да почне од нула, а потоа да почнеме и да го градиме, порача денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.

- Во суштина Скопје е град на солидарноста, но мизерно e што една метропола се доведе во ситуација да пука по сите шевови, а градскиот превоз е само еден од нив. Станува збор за неофицијална изјава од град Белград. Да почекаме што ќе се случи, па ќе донесеме конкретен став, рече Перински во одговор на новинарско прашање за коментар за најавената донација од 100 користени автобуси од Белград за градот Скопје, на денешната Платформа: 100% посветени за тебе - „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“ што се одржа во Владата.

Скопје - Трговците се алчни, повторно се обидуваат да заработуваат на грбот на граѓаните. Владата треба да преземе поригорозни чекори, рече денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, коментирајќи ги ефектите од есенската кошничка.

Како што истакна Трендафилов, трговците го искористија периодот кога мерката за ограничување на маржите беше најавувана, па прво ги зголемија цените, за потоа, кога мерката стапи во сила, да ги намалат.

Скопје - Обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски по вчерашното излегување на Струмица од ЗЕЛС поради, како што наведоа од Општината, индиферентниот однос кон градот и нејзините граѓани во периодот кога се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење и поради одбивањето на единствениот проект од Струмица за користење на средства од унгарскиот кредит.

Трипуновски вели дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да и се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење. 

Скопје – Загрижува што покрај опасностите со кои се соочуваме на нашите работни места, се соочуваме и со опасности кога доаѓаме и кога се враќаме од работа. За жал, пред две недели животот го загубија тројца работници, враќајќи се од работа дома кај своите семејства, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, по повод одбележувањето на Европската недела на безбедност и здравје при работа.

Покрај потребата од раст на платите, во фокусот на ССМ, Трендафилов нагласи, дека е безбедно и здраво да дојдеме до работа, да сработиме и да се вратиме до дома. 

Скопје - Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска изјави дека магистралниот пат Тетово-Призрен од македонска страна не е изграден бидејќи нема изработено проект. За овој патен правец, како што посочи, идејата е да се изработи заеднички проект со Косово со кој потоа ќе се бараат финансиски средства и изведувач на градежните активности. 

Претходната влада давала изјави, но не сработила ништо. Нема никаков проект. Потпишувани се меморандуми, но проект нема. Она што јас го направив заедно со директорот на Јавното претпрјатие за државни патишта е да стапиме во контакт со косовската Влада за заеднички да изработиме проект за проектирање на тој пат на кој исто така треба да има тунел. Врз основа на тоа потоа да се бара финансирање и да се бара изведувач. Во овој момент нема ниту проект ниту финансирање, ниту изведувач, а ДУИ го претставуваше како утре да ќе биде готов, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата. 

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски говореше на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на темата „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: рамнотежа помеѓу извршната, законодавната и судската власт во современите општества” што се одржува во Приштина.

Во својот говор, Костадиновски се осврна за уставно-правната реалност во Република Северна Македонија, улогата на судскиот активизам и поделбата на власта во нашата држава низ примери од судската пракса. 

Скопје - СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани „лидери” од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет!!! Пролет е СДСМ!!!!, напиша денеска на Фејсбук Петре Шилегов, член на СДСМ и поранешен градоначалник на Скопје. 

Подоцна тој објави уште еден пост како појаснување на првиот: - 1.000 зошто, едно затоа:
За да нема нејаснотии, бидејќи имам многу јавувања, многу пораки, многу коментари: ако нешто не е во ред и гледаш дека е така, а молчиш, со молкот стануваш соучесник … Ете затоа, наведува Шилегов.

Скопје - Надзорниот Одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација, М-НАВ АД Скопје на 17-ти овој месец за членови на Управен Одбор ги избра Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Буран Алити, информираат денеска од М-НАВ.

На истата седница Надзорниот одбор со Одлука го назначил Владимир Ристески за претседател на Управен одбор на М-НАВ АД Скопје и за Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација во М-НАВ АД Скопје, со мандат од 4 години.

Скопје - Неделава завршија годинашните истражувања на локалитетот „Видин Град“, во близина на селото Водоврати, Градско, соопштија од Институтот за национална историја.

Истражувањата беа изведени во соработка помеѓу Дамјан Донев од ЈНУ Институт за национална историја и Анита Василкова-Мидовска од ЛУ Народен музеј-Велес, а беа подржани од Министерството за култура во рамки на Програмата за подршка на проекти од национален интерес од областа на културата за 2024 година.

Скопје - Програмата „WeBalkans“ започна со второто издание на кампањата „Создадено од нас“, што се одвива од 23 до 31 октомври. Во рамките на оваа иницијатива, 12 инфлуенсери од ЕУ и Западен Балкан се тргнати на возбудливо патување низ шест земји-членки на ЕУ. По претходното издание, што го одбележа патување низ Западен Балкан, овогодинешната кампања ќе ги однесе следачите на пат низ земјите кои ѝ се придружија на ЕУ за време на последното проширување, со цел да се истакнат придобивките од членството во Унијата. Следејќи го патувањето низ призмата и приказните на инфлуенсерите, следачите ќе дознаат на кој начин, младите може да поттикнат слична преобразба на Западен Балкан, се наведува во денешното соопштение до јавноста.

Белград - Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград денеска соопшти дека до Вишиот суд во Белград доставило проширување на обвинението против родителите на Коста Кецмановиќ, детето масовен убиец од „Рибникар“. Во проширениот обвинителен акт се наведува и дека Владимир и Миљана Кецмановиќ се сомничат дека сториле кривично дело Запуштање и злоупотреба малолетно лице, јави дописникот на МИА од Белград.

Главниот јавен обвинител на ВЈТ во Белград, Ненад Стефановиќ, прецизира дека до проширување на обвинението дошло по собирањето на сите релевантни докази во текот на кривичната постапка против обвинетите, која во моментов е во фаза на главен претрес пред Високиот Суд во Белград, против В.К. за сторено кривично дело -Тешко дело против општата безбедност и против М.К. за кривично дело Недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.

Приштина – Потпретседателката и пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Хикмете Бајрами оцени дека, со следењето на новинари од страна на агенти на Косовската агенција за разузнавање (АКИ), Владата на Албин Курти ја достигна „најниската точка на деморкатијата во земјата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По информацијата дека Здружението на новинари на Косово вчера испратило писмо до главниот обвинител на Основното обвинителство на Приштина, барајќи појаснување во врска со истрагите против новинарите Берат Бужала, Вехби Кајтази и Лирим Мехметај, Бајрами на својата страница на Фејсбук напиша дека, додека ги прогонува новинарите, Владата на Курти ги штити корумпираните.

Атина – Сакам да ве уверам дека прашањата за суверенитет не се вклучени ниту некогаш ќе бидат вклучени во кој било дијалог што се води за грчко-турските односи, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија посочи дека дијалогот е „неопходен елемент во дипломатијата“, а за дијалогот со Турција истакна дека е очигледно дека нема да се согласат за сè и имаат „сосема друга почетна точка“.

Анкара - Извршителите на вооружениот напад во Анкара, во кој неделава загинаа пет лица, во Турција се инфилтрирале од Сирија, изјави денеска претседателот Реџеп Таип Ердоган. 

Говорејќи пред турските новинари на враќање од самитот на БРИКС во Казан, Ердоган вети дека ќе го искорени тероризмот од неговиот извор во Сирија, пренесуваат британските медиуми.

Ердоган додаде дека Турција ќе ја продолжи борбата против милитантите до крај. 

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека во моментов не постои можност Украина да биде поканета во НАТО бидејќи, како што наведе, земја во воена состојба не може да стане членка на Алијансата. .

Шолц синоќа за телевизијата ЗДФ изјави дека земја во воена состојба дефинитивно не може да стане членка на НАТО и дека, како што наведе, сите се согласуваат со тој став.

Според Шолц, во моментов се разговара за „безбедносните гаранции“ по завршувањето на  војната во Украина.

Лондон - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Лондон се сретна со либанскиот премиер Наџиб Микати и нагласи дека има „итна потреба“ за дипломатско решение на конфликтот во Либан меѓу Израел и Хезболах. 

Важно  е луѓето од двете страни на границата да можат да се вратат во своите домови, рече Блинкен, пренесен од Скај њуз.

Газа - Најмалку 28 палестински цивили загинаа утрово во израелски напад врз Кан Јунис на југот на Појасот Газа, додека десетици луѓе се повредени, јави палестинската новинска агенција ВАФА.

Агенцијата наведува дека цел на нападот била куќа во населбата Ал Манара во Кан Јунис.

Израелските сили уништиле повеќе од 10 станбени згради во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во последните неколку недели, пренесува Гардијан. 

Вашингтон - Четворица астронаути на НАСА денеска се вратија на Земјата со леталото на компанијата „Спејс Икс“, откако беа на мисија на Меѓународната вселенска станица (МВС) која траеше речиси осум месеци.

Капсулата на „Спејс Икс“ слета во Мексиканскиот залив во близина на брегот на Флорида. Нивниот престој на МВС беше продолжен поради проблеми со капсулата „Старлајнер“ на „Боинг“ и ураганот Милтон, кој ги погоди САД на почетокот на овој месец, објави телевизијата Еј-Би-Си.

Вашингтон - Милијардерот Илон Маск донираше вкупно 119 милиони долари за поддршка на кампањата на кандидатот на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп, јави ДПА.

Во првата половина на октомври, раководителот на Тесла префрли 43,6 милиони долари на Комитетот за политичко дејствување „Америка“, организација за политичко дејствување што ја создаде за да ја поддржи претседателската кампања на Трамп и која првенствено се фокусира на победничките држави како Пенсилванија.

Меѓу јули и крајот на септември, Маск, кој се појавуваше на бројни митинзи со Трамп, донираше околу 75 милиони долари.

Њу Делхи - Тропската бура Дана денеска донесе силни ветрови и дожд на источниот брег на Индија, каде претходните денови беа евакуирани речиси 600.000 луѓе.

Според индиската метеоролошка служба, невремето доцна вчера дошло на копно во државата Одиша, со максимална брзина на ветерот од околу 110 километри на час и налети до 120 километри на час.

Во некои области на Одиша и соседната држава Западен Бенгал, налетите на ветрот соборија дрвја, објавија локалните медиуми. До утрово нема загинати, а не е забележана поголема штета.

Њу Делхи - Индија и Кина почнаа да ги повлекуваат трупите од нивните последни две спротивставени позиции на спорната граница на Хималаите, изјави извор од индиската влада запознаен со ова прашање, најавувајќи го крајот на четиригодишниот воен судир.

Двата нуклеарно вооружени соседи постигнаа договор оваа недела за граничните патроли, отворајќи го патот за првите официјални разговори меѓу нивните лидери по пет години, одржани во Русија.

Откако беа договорени патролите, изворот, кој сакаше да остане анонимен, денеска рече дека трупите од двете страни почнале да се повлекуваат од областите Депсанг и Демчок, последните преостанати точки каде што застанале едни против други.

Тагови

Остани поврзан