• среда, 12 март 2025
МИА Радио флеш

24 февруари 2025

Скопје- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе престојува во Женева, каде што заедно со други шефови на влади, министри за надворешни работи и високи претставници, ќе учествува на Високиот сегмент на 58-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, каде ќе се дискутираат клучните предизвици во заштитата на човековите права ширум светот, со посебен акцент на сензитивните подрачја, информираат од Министерството.

Министерот Муцунски ќе оствари билатерални средби со високи функционери на Обединетите нации, како и со шефови на делегации од други земји. Овие средби, нагласуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе бидат насочени кон унапредување на меѓународната соработка и зајакнување на позицијата на државата во глобалните процеси за заштита на човековите права.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се обрати на Регионалниот развоен форум во организација на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), кој овие денови се одржува во Будимпешта, Република Унгарија, информираат денеска од Министерството.

На сесијата посветена на состојбата на дигиталниот развој, предизвиците и можностите на новите трендови, Андоновски истакнал дека во Македонија дигиталната индустрија придонесува со над 5% во БДП, и дека оваа бројка оди во нагорна линија.

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски оствари работна средба со амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Н.Е. Невена Јовановиќ. На средбата заеднички беше констатирано дека двете држави негуваат одлични пријателски односи во кои значајна улога има соработката меѓу уставните судови. 

Претседателот Костадиновски ја запозна амбасадорката со приоритетите во својот мандат и искажа интерес за продлабочување на соработката помеѓу двата уставни судови преку организирање на билатерални средби и учество на конференции од значајни теми во областа на уставното право. 

Скопје, - Во рамки на извршените сообраќајни прегледи во текот на изминатиот викенд, од 2.228 издадени платни налози дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 се за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола.

Од МВР денеска соопштија дека заради непочитување на одредбите околу задолжителното користење на сигурносен појас евидентирани се 171 прекршок, плус 12 прекршоци за граѓани кои управувале моторцикли без заштитен шлем. За користење на мобилен телефон при возење изречени биле 45 прекршочни казни.

Белград - Полицијата денеска уапси раководителка во железницата на Србија, со седиште во Белград, во рамки на антикорупциската акција поради уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Како што јави Радио телевизија на Србија (РТС), таа била уапсена од припадници на Управата за криминалистичка полиција.Во акцијата, која се спроведува по наредба на Одделот за антикорупција на Вишото јавно обвинителство во Белград, се уапсени уште неколку лица. 

Атина – Единственото решение е да се прекинат смртоносните конфликти и да се воспостави општоприфатлив, праведен и траен мир за Украина, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција по повод тригодишнината од руската инвазија во Украина и посочија дека ја осудуваат употребата на насилство и заканите за употреба на насилство против суверени држави, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција посочија дека на денешната годишнина од руската инвазија изразуваат жал и почит кон илјадниците луѓе кои ги загубија животите, а се осврнаа и на грчката дијаспора во Мариупол и околните области, „кои ги почувствуваа ужасите на војната и продолжуваат да ги чувствуваат нејзините последици“.

Берлин – Германскиот конзервативен блок, кој излезе како јасен победник на вчерашните парламентарни избори, е подготвен за коалициски разговори што е можно поскоро, изјави утрово висок претставник на Демохристијаните (ЦДУ), пренесе ДПА.- Од наша гледна точка, можеме да почнеме многу, многу брзо, изјави Јенс Шпан, заменик-парламентарен лидер на конзервативниот блок, за јавната телевизија АРД.

- Првите разговори треба да се одржат во следните неколку дена, се надевам пред крајот на оваа недела, рече Шпан, пренесе ДПА.Наведувајќи ги глобалните тензии и војната во Украина, Шпан рече дека е „потребно германско лидерство во Европа“.

Рим - Папата Франциск, кој последните десет дена е хоспитализиран поради билатерална пневмонија, помина мирна ноќ во болница, спиејќи и одморајќи, соопшти денеска Ватикан.

Анализите направени во римската болница Гемели во саботата покажаа дека папата се уште е во критична состојба и дека е во почетна фаза на откажување на бубрезите, но лекарите процениле дека е под контрола.

Ватикан вчера соопшти дека папата Франциск од претходната ноќ немал нови респираторни кризи, но дека се уште добива дополнителен кислород.

Брисел - Потребни ни се што е можно повеќе интеракции со новата Американска администрација, затоа што ниту еден договор за Украина нема да биде можен без учество на Европската Унија и од тие причини утре ќе патувам за САД на средба со државниот секретар Марко Рубио и други претставници за да разговараме за овие прашања, најави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата. 

Многу јасно дека со (рускиот претседател Владимир) може да се разговара за се, но кога станува збор за Европа или Украина, тогаш и Украина и Европа, исто така, треба да се согласат со тоа. Затоа треба да се разговара со нас за што и да е, нагласи Калас во одговор на прашање поврзано со разговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на конфликтот во Украина.

Брисел - Во актуелниот предизвикувачки меѓународен и геополитички амбиент ја нагласуваме важноста од одржување на трансатлантската и глобалната солидарност со Украина, се наведува во заедничка изјава на претседателите на Европскиот совет, на Европската комисија и на Европскиот парламент, Антонио Кошта, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола по повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина. 

-Ја истакнуваме потребата да се обезбеди постојан фокус на меѓународната заедница за поддршка на Украина за постигнување сеопфатен, праведен траен мир заснован на украинската мировна формула. Ние цврсто стоиме зад Украина, потврдувајќи дека ќе надвладеат мирот, безбедноста и правдата, се нагласува во изјавата.

Киев - Европа е тука да ја зајакне Украина во овој критичен момент и веќе во март ЕУ на земјата ќе и исплати дополнителни 3,5 милијарди евра помош, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржува во Киев. 

- Ќе презентирам и сеопфатен план за тоа како да ги зголемиме нашето европско производство на оружје и нашите одбранбени способности. И Украина, исто така, ќе има корист од тоа, нагласи Фон дер Лајен, најавувајќи дека главен приоритет на ЕУ во наредните недели ќе биде да се забрза итната испорака на оружје и муниција за земјата. 

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон му честиташе на Фридрих Мерц, лидерот на конзервативците кои победија на парламентарните избори во Германија, потврдувајќи ја неговата решеност да „направат големи работи“ заедно.

-Само што разговарав со Фридрих Мерц за да му честитам на победата, рече Макрон, додавајќи дека разговарал и со канцеларот во заминување Олаф Шолц. - Порешителни сме од кога било за заедно да правиме големи, додаде Макрон на пат кон Вашингтон.

Анкара – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија ќе престане да се бори во Украина само кога ќе го добие она што го сака од преговорите за ставање крај на конфликтот што рускиот и американскиот претседател сакаат да го иницираат.

- Ќе ги прекинеме непријателствата само кога овие преговори ќе доведат до солиден и траен резултат што ќе и одговара на Руската Федерација, изјави Лавров за време на посетата на Анкара.

Москва бара де факто предавање на украинската армија, бара Киев да отстапи пет региони кои се целосно или делумно окупирани, како и откажување на Киев од влезот во НАТО и воспоставување нови власти.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го номинирал Ден Бонџино, десничарски коментатор, за заменик директор на ФБИ.

Трамп рече дека Бонџино за функцијата бил номиниран од Кеш Пател, чие назначување за директор на ФБИ неодамна го потврди американскиот Сенат.

„Одлични вести за полицијата и американското правосудство“, рече Трамп, додавајќи дека Бонџино е „човек со неверојатна љубов и страст кон нашата земја“.

Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ги става на платено административно отсуство сите вработени во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), освен директорите и клучниот персонал ширум светот, и затвора 1.600 работни места во агенцијата во САД.

УСАИД во неделата една минута пред полноќ, по локално време, соопшти дека за целиот персонал на агенцијата, освен вработените задолжени за основни работи, е одредено административно отсуство.

Остани поврзан