МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
11 декември 2024
Скопје - Министерот за правда Игор Филков е благодарен на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но смета дека претстои надлежните институции во наредниов период до крај да ја завршат својата работа.
-Јас сум благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци, вели Филков прашан зошто од македонските надлежни институции нема истраги за корупција за Груби и судијата Беџети дека сториле корупција, а во САД веќе процениле дека има.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
На средбата, соопштија денеска од Министерството, биле потврдени одличните билатерални односи и успешната соработка, заснована на меѓусебна поддршка и почитување, за што, меѓудругото, потврда се и средбите на високо ниво во изминатиот период.
Скопје - Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Сашо Петрушевски денеска во Скопје присуствувал на експертска дебата посветена на Нацрт-методологијата за воспоставување на платформа за следење на фемицид во Северна Македонија.
Дебатата, во организација на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - Мисија во Скопје (ОБСЕ), како што соопштија од МВР, е продолжение на активностите за подигнување на свеста на заедницата за насилството над жените и девојчињата и семејното насилство.
Скопје - Во рамки на редовните годишни активности на ПС на НАТО, на Годишниот 24.Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на ПС на НАТО, Националниот одбранбен универзитет на САД и Атлантскиот совет се одржа на 9 и 10 декември 2024 година во Вашингтон, САД, учествувала делегација на Собранието на Република Северна Македонија во ПС НАТО во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата.
Скопје - Истрагата за случајот Онкологија привршува, а вештачењето спроведено во Србија ги потврдило сомнежите за несоодветно лекување на пациентите, информира Обвинителството.
Како што беше речено на брифинг со новинарите, во тек се и вештачењата во Словенија кои треба да бидат готови до крајот на јануари.
Скопје - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска оствари средба со делегација од Амбасадата на Република Австрија во Скопје, предводена од амбасадорот Мартин Памер.
На средбата, како што соопштија од Кабинетот на Стоилковиќ, биле разменети мислења за актуелните политички и економски прашања во двете земји, со фокус на односите меѓу етничките заедници кои живеат во земјата. Стоилковиќ и Памер изразиле уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.
Скопје – Во Кривичниот суд се уште трае распитот на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов, кој е еден од 23. лица што се осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во вчерашната акцијата „Адитив“ на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК).
Тој денеска беше спроведен во Кривичниот суд откако вчера беше приведен на граничниот премин Табановце.
Скопје - Албанскиот јазик е и ќе остане составен дел од институционалниот живот во нашата земја, а коалицијата „Влен“ ќе продолжи посветено да работи на заштита и гаранција на ова право кое е неприкосновено, истакна во изјава за медиумите Ријад Шаќири, пратеник од „Влен“ во врска до денешната седница на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Скопје - Увид во клучните трендови што ја дефинираат глобалната економија, надградба на знаења и проширување на деловните хоризонти преку ексклузивни можности за вмрежување со највлијателните лидери во регионот и пошироко, овозможува конференцијата „The Economist MeetUp – The World Ahead 2025“ што денеска се одржува во Скопје во организација на Represent Communications Macedonia и Color Media Plus, како дел од франшизата на британскиот магазин The Economist.
На конференцијата, која кај нас се одржува по втор пат, присутни се визионери, лидери и иноватори кои ќе споделат искуства, видувања и предвидувања за тоа како ќе изгледа светот во 2025 година.
Охрид – Охридската библиотека „Григор Прличев“ го објави конкурсот за годинaшната, трета по ред, награда за најдобра беседа што се доделува во чест на македонскиот поет и преродбеник и патрон на установата.
Наградниот конкурс годинава е на тема „Чувај се себеси“, на која творел и самиот Прличев.
Прличев често држел беседи пред охриѓани, а на крајот од една учебна година кога учителствувал во Охрид ја кажал токму беседата насловена „Чувај се себеси, што во 1866 година ја објавил и во весник.
На објавениот конкурс можат да се пријават со свои творби млади автори од 15 до 30-годишна возраст. Според пропозициите, беседата „Чувај се себеси“ не смее да биде поголема од три илјади зборови и треба да е напишана во фонтот „ariel 12“.
Скопје - Со поддршка од Амбасадорскиот фонд на САД ќе почне реставрацијата и конзервацијата на неколку точки на Скопскиот Аквадукт во Визбегово. Ќе се започне со работа на осум точки на Аквадуктот, а одговорен за проектот е Конзерваторскиот центар Скопје. Амбасадорскиот фонд на САД за овој проект има обезбедно грант од 200 илјади долари.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денеска го посети Аквадуктот, изрази благодарност до Амбасадата на САД за помошта што ја даваат за реконструкција и обновување на значајни споменици на културата, како и за помошта на културното наследство во земјата.
Скопје - „Пред дождот“ е најзначаен филм во мојата кариера, затоа што ми ги отвори вратите на американските, светските филмови. Македонија за мене е можеби најдрагото прибежиште од земјите во Југославија. Тука луѓето се посебно убави и посебно радосни. Јас ја сакам и нивната тага, која произлегува од нивните песни, изјави за МИА актерот Раде Шербеџија, кој во понеделникот присуствуваше во Скопје, по повод 30 години од премиерата на „Пред дождот“, што се одржа во Филхармонија.
Прашан што за него лично претставува филмот „Пред дождот“, Шербеџија вели дека како гледач, импресиониран е од филмскиот ракопис и го става во најдобрите филмови кои ги има гледано во животот.
Битола - За само седум минути се распродадени билетите за големото ракометно дерби Еурофарм Пелистер - Вардар кое се игра в сабота од 18 часот во салата „Боро Чурлески“ во Битола.
Најавено е и присуство на навивачите на Вардар „Комити“, па се очекува уште еден спектакл.
Голем интерес владее во Битола за саботниот меч, а многу навивачи на Пелистер кои останаа без можност да набават билет, бараат пред салата да биде поставен видеобим.
Белград - Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ денеска ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека таа е виновна за прекинот на седницата на која на дневен ред беше Предлог-законот за буџетот и додаде дека токму пратениците од опозицијата деновите пред седницата најавиле дека таа ќе биде прекината.
Таа ова го истакна откако пратениците од дел од пратеничките групи на опозицијата поднесоа барање за нејзино разрешување од функцијата претседател на српскиот Парламент, поради прекршување на Уставот, Законот за Народното собрание и Деловникот на таа институција при донесувањето на Законот за Буџетот за 2025 година.
Атина – Осум лица се уапсени и осум се приведени, а пронајдени се 49 парчиња оружје во акција на грчката полиција што е во тек во Атина и Солун за разбивање на турската мафија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од полицијата информираа дека акцијата на Секторот за справување со организиран криминал што започнала утрово е за разбивање на криминални групи на турски државјани во Грција.
Последниот случај на расчистување сметки меѓу членови на турската мафија беше во понеделникот кога во атинска населба околу 10 часот наутро беа убиени две лица, Турци со курдско потекло, а едно беше повредено, додека уапсени беа две лица.
Приштина – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на конститутивниот состанок на новиот состав на Консултативниот совет за заедници, нагласи дека Советот претставува доказ за посветеноста на Приштина да изгради праведно, рамноправно и инклузивно општество за сите граѓани.
- Мојата непоколеблива заложба е секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, религијата или јазикот, да биде ценет и активен дел од косовското општество. Се навраќав на клучните достигнувања на овој Совет во текот на изминатата година и ја изразив мојата целосна поддршка во постигнувањето на неговите цели, истакна Османи.
Лондон - Британските фармери излегоа со своите трактори пред зградата на Парламентот во центарот на Лондон, протестирајќи против контроверзниот данок на наследство од 20 отсто на фармите вредни повеќе од еден милион фунти, неодамна објавен од лабуристичката влада.
„Не ја гризете раката што ве храни“, можеше да се прочита на некои од транспарентите на демонстрантите.
Многу од тракторите што ги користеа фармерите за да стигнат до Вестминстерската палата беа прекриени со британски знамиња.
Братислава – Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој неодамна беше во прва официјална посета на Бразил, беше претставен како премиер на Југославија, држава која повеќе децении не постои.
Поради здравствените проблеми на претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, Фицо бил пречекан од потпретседателот Гералдо Алкмин.
Според Блумберг, Алкмин за време на свечениот ручек го поздравил Фицо како премиер на Југославија.
Москва - Руските власти денеска соопштија дека односите со САД се толку конфронтирачки што руските граѓани треба да се воздржат од патување во САД, Канада и некои земји од ЕУ за време на претстојните празници, наведувајќи дека постои ризик од „лов“ на американските власти на руски државјани.
Марија Захарова, портпаролка на руското МНР, истакна дека односите со САД се на работ на нарушување.
Москва - Кремљ денеска ја минимизираше важноста на падот на својот сириски сојузник Башар ал Асад за руското влијание на Блискиот исток, велејќи дека Москва се фокусира на Украина и дека е во контакт со новите власти во Сирија.
Кога Русија интервенираше во сириската граѓанска војна во 2015 година, тоа му даде значителна предност на Асад, а неговиот пад нанесе сериозен удар и на Москва, која води војна во Украина, и на Иран, кој на целиот исток е во конфликт со Израел, поддржан од САД.
Брисел – Европската комисија во првите шест месеци од 2025 година има намера да емитува обврзници во износ од 90 милијарди евра, при што средствата прибрани од нив ќе бидат наменети за продолжување на закрепнувањето на ЕУ по корона пандемијата, за зајакнување отпорноста на економијата на блокот и за поддршка на партнерите, пред се Украина и земјите од Западниот Балкан.
Како што соопшти ЕК, покрај издавањето на долгорочните обврзници наменети за континуирана финансиска поддршка на политиките на ЕУ, ќе продолжи и емитувањето на краткорочни хартии од вредност за надополнување на нејзините финансиски операции.
Манила - Потпретседателката на Филипините денеска не се појави на првото сослушување поврзано со заканите кон претседателот Фердинанд Маркос Јуниор, велејќи дека не мисли оти истрагата ќе биде правична.
Потпретседателката Сара Дутерте беше повикана да се појави пред Националното биро за истраги, но наместо тоа, го испрати својот адвокат, кој достави писмо во кое се вели дека неговата клиентка жестоко „негира дека упатувала сериозни закани“ според законот.
Исламабад – Талибанскиот министер за бегалци, Калил Хакани, е убиен денеска во самоубиствен напад во главниот град на Авганистан, Кабул, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Експлозијата се случила во внатрешноста на министерството и притоа Хакани беше убиен, соопштија официјални лица.
Тој е најпознатата жртва на насилството во Авганистан откако талибанците се вратија на власт пред три години.
Дамаск - Новиот привремен премиер на Сирија, Мохамед ал-Башир ги повикува сириските бегалци ширум светот да се вратат во својата татковина по соборувањето на режимот на Башар ал Асад.
-Ги повикувам сите Сиријци во странство: Сирија сега е слободна земја која си ја врати гордоста и достоинството. Вратете се!, рече Башир во денеска објавеното интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Хаг - Организацијата за забрана на хемиско оружје утре ќе одржи итен состанок на кој ќе се разговара за ситуацијата во Сирија, поради загриженоста за резервите на токсични хемикалии во таа земја. Организацијата завчера и порача на Сирија дека е должна да ги почитува правилата за заштита и уништување на опасни супстанции, откако бунтовниците влегоа во Дамаск викендот и го соборија режимот на претседателот Башар ал Асад.
Состанокот го свика извршниот совет на организацијата за да се разговара за актуелната ситуација во Сирија, како и за статусот на тековните истраги во земјата.
Торонто - Почестата и плодотворна комуникација е клучна за градење доверба и силна врска меѓу родителите и децата. Моќните, но едноставни изрази може да им помогнат на децата да се чувствуваат безбедно, сакано и поддржано додека ги споделуваат своите мисли и чувства со мајката и таткото.
- Создавањето безбеден простор каде што вашите деца ќе се чувствуваат ранливи е еден од најважните подароци што може да им ги дадете. Кога децата се чувствуваат доволно безбедно да ги споделат своите најдлабоки мисли и чувства, тие почнуваат да ги развиваат емоционалните вештини потребни за да се соочат со животните предизвици, да градат значајни односи и негување на издржливост, појасни детскиот психолог од Торонто, Канада, андрагог, воспитувачка и мајка, Џејми Блох.