МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

14 февруари 2025
Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денеска и во наредните неколку дена ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција во Сојузна Република Германија.
На 61 Минхенска конференција што се одржува од 14 до 16 февруари ќе се овозможи висок дијалог за клучните надворешни и безбедносни предизвици што се актуелни прашања на политичките лидери.
Скопје - Откако премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го отвориле прашањето за промена на државниот грб, вчера политичките партии изразија различни ставови. За опозициската СДСМ, државниот грб ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје и нема потреба од негова промена, а од ЛДП предложија поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен за државата. Од Беса, која е коалициски партнер во Владата, велат дека поддржуваат секакви промени на Уставот, со кои ќе се менуваат државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.
Скопје – Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи откако Стопанската комора на трговци на големо и мало вчера побара итна средба во врска со одлуката за ограничување на маржите.
Скопје - Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски, денеска по повод Свети Трифун, заштитникот на лозарите и винарите, ќе присуствува на закројување на лозовите насади.
Како што соопштија од неговиот Кабинет, настанот ќе се одржи во семејната винарија Дане Хермес во неготинското село Пепелиште.
Скопје - Претставници на новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун треба да се сретнат со министерот за економија Бесар Дурмиши во врска со Предлог-одлуката за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо.
Од Комората преку соопштение информираа дека се сретнале со премиерот Христијан Мицкоски кој го задолжил министерот за економија да одржи средба со нив по што најавуваат дека ќе излезат со информација за јавноста.
Скопје – Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На изминатото рочиште беше сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа, прибавувајќи видео снимки.
Трајковски беше последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.
Струга - Со презентација на извештај од супер вештачењето во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжи судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи, матка, јајник и бубрег на родилката од Дебар Јилдз Веапоска.
Скопје - На сцената на Националната опера и балет (НОБ) вечерва ќе биде изведена операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини. Диригент на претставата е Бисера Чадловска, а режијата на Александар Текелиев од Бугарија.
Сценографијата е дело на Живојин Трајановиќ, а костимографијата ја изработи Лира Грабул. Концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Загреб - На повик на платформата „Ало инспекторе“, денеска во Хрватска се одржува еднодневен бојкот на продавниците, што овојпат на повик на средношколците опфаќа и бојкот на пекарите и сите пекарски производи на сите продажни места, јави Хина.
„Бојкотот продолжува, потрошувачите сакаат да го бојкотираат откупот и да ги намалат трошоците и праќаат порака до сите што работат на зголемување на цените“, рече синоќа Јосип Келемен, советник на платформата Ало инспекторе, на прес-конференција, напоменувајќи дека нема да каже дека бојкотот се намалува, бидејќи и младите велат дека треба да продолжи.
Минхен - Во главниот град на Баварија денеска почнува 61. Минхенска безбедносна конференција. Во услови на зголемени глобални тензии, овогодинешниот собир, што ќе се одржи од 14 до 16 февруари во хотелот Бајеришер Хоф во Минхен, ќе собере светски лидери, креаторите на политиката и експерти за да разговараат за итни безбедносни прашања, како што се тековната војна на Русија против Украина, кризата во Газа и променливата динамика на меѓународните сојузи.
Штутгарт - Мерцедес започнува повлекување на илјадници возила поради неисправни ќелии на батериите, но сопствениците ќе мора да бидат трпеливи бидејќи софтверското решение се уште не е достапно.
Mерцедес повлекува 7.358 електрични теренци EQB во САД. Причината е можен краток спој во ќелиите на батеријата, што може да доведе до пожар. Засегнати се моделите произведени помеѓу декември 2021 и јануари 2023 година.
Според американската безбедносна агенција NHTSA, може да дојде до краток спој во батериските ќелии.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека само украинскиот претседател Володимир Зеленски може да преговара во име на неговата земја со Русија за завршување на војната, предупредувајќи дека „мирот што е капитулација“ би бил „лоша вест за сите“, вклучително и за САД.
„Единственото прашање во оваа фаза е дали претседателот Путин е искрено, одржливо и веродостојно подготвен да се согласи на прекин на огнот врз таа основа. После тоа, на Украинците им останува да преговараат со Русија“, рече Макрон во интервју за Фајненшл тајмс“.
Вашингтон - Авионот со американскиот државен секретар Марко Рубио патуваше од Вашингтон за Минхен се вратил во САД поради техничка неисправност, јавија американските медиуми.
Рубио ќе го продолжи своето патување во Германија и на Блискиот Исток со друг авион, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Вашингтон - Американската влада синоќа почна да отпушта илјадници вработени во различни владини агенции додека претседателот Доналд Трамп и Илон Маск ја забрзаа „чистката“ од федералната бирократија, јавија американски медиуми повикувајќи се на синдикални извори и вработени.
Одделот за прашања на ветераните, што обезбедува здравствена заштита за ветераните, соопшти дека отпуштил повеќе од 1.000 вработени кои биле на условна казна, а Шумската служба на САД се очекува да отпушти повеќе од 3.000 луѓе.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ги обнови преговорите за контрола на нуклеарното вооружување со Русија и Кина и се надева дека трите земји на крајот би можеле да постигнат договор за намалување на нивните воени буџети за половина.
Трамп вчера во Белата куќа изјави дека не гледа потреба од создавање ново нуклеарно оружје, бидејќи САД веќе поседуваат голем арсенал, истакнувајќи дека сите три земји би можеле да заштедат огромни ресурси кои би можеле да се искористат за попродуктивни цели.
Вашингтон - Потпретседтаелот на САД Џеј Ди Венс изјави во интервју за Волтрит џурнал дека САД ќе воведат санкции и потенцијално воена акција против Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на мировен договор со Украина што ќе ја гарантира нејзината независност на долг рок.
„Постојат економски средства за влијание, има, се разбира, и воени средства за влијание“ што САД би можеле да ги употребат против Путин, рече Венс во интервјуто.
Вашингтон - Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека ќе ја повлече понудата од 97,4 милијарди долари за непрофитната организација што го контролира Опен АИ (OpenAI) под услов извршниот директор на компанијата Сем Алтман да се откаже од својот план да ја претвори компанијата, што е зад ChatGPT, во „профитен ентитет“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека неговото одложување од 75 дена во спроведувањето на забраната за кинеската апликација за кратко видео TикТок може да биде продолжено, но дека не мисли дека тоа ќе биде неопходно.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека се уште се надева дека ќе постигне договор со ТикТок за да ја задржи апликацијата активна во САД.
Вашингтон - Белата куќа испрати писма со откази до неколку јавни обвинители ширум САД, назначени од демократскиот претседател Џо Бајден.
„По наредба на претседателот Доналд Џеј Трамп, ве известам дека вашата позиција како американски обвинител е прекината, што стапува на сила веднаш“, се вели во е-пошта од заменик-директорот на Канцеларијата за претседателски персонал во Белата куќа. Неколку американски обвинители од Сиетл до Мериленд ги напуштија своите позиции, иако не е јасно дали сите добиле известувања за откази од Белата куќа.
Вашингтон - Федерален судија и нареди на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го одмрзне финансирањето за стотици странски подизведувачи кои велат дека биле погодени од 90-дневното замрзнување на финансирањето наложено од Трамп.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп најави синоќа „состанок во Минхен в петок, на високи претставници од Русија, Украина и САД“. Во Минхен денеска почнува меѓународната безбедносна конференција и ќе трае до 16 февруари.
Трамп им рече на новинарите во Овалната соба дека „Русите таму ќе се состанат со луѓе од нашата земја. Поканета е и Украина. Не знам точно кој ќе ја претставува секоја земја, но тоа ќе бидат високи претставници од Русија, Украина и САД".