• понеделник, 19 август 2024
МИА Радио флеш

19 август 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Како што информира владината прес-служба, средбата ќе се одржи во 15:30 часот во Владата.  По средбата, изјава за медиуми ќе даде министерот Перински. Премиерот Мицкоски пред неколку дена изјави дека е подготвен  за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.  Нагласи дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од  годишните одмори.

-Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат резултатите од испитувањата направени на 208 примероци земени од 47 мерни места во градот. -Секторот за санитарна контрола во периодот од 12-ти до 16 август зема 208 примероци за физичко-хемиска и 208 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 47 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, се вели во денешното соопштение од ЈП „Водовод и канализација“. 

-Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен јужен ветер. Попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер(над 60 км/ч) и појава на град.Максималната температура во земјава ќе биде во интервал од 28 до 35 степени. Во Скопје умерено облачно, попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме.  Максималната температура ќе достигне до 33 степени.

- Шефот на Канцеларијата за комуникации на претседателот на Турција, Фахретин Алтун, го осуди израелскиот напад врз репортерскиот тим на ТРТ во Газа, јавуваат турските медиуми. Алтун на социјалните мрежи истакна дека Израел напаѓа и новинари. -Го осудувам нападот на тимот на ТРТ, кој беше директна цел на израелските снајперисти додека беа на должност. Во Газа нема повеќе место, ниту на гробиштата. Освен за геноцидните злосторства, Израел секако ќе одговара за Нападите и масакрите против ТРТ и другите новинари, кои отворија „комуникациски коридор“ од Газа кон светот, му посакувам брзо закрепнување на репортерот на ТРТ, Сами Берхум и на целиот тим на ТРТ“, рече Алтун.

-Москва очекува наскоро да го пречека шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во нуклеарната електрана во Курск, а агенцијата потврди дека Гроси е подготвен да ја посети електраната, изјави постојаниот претставник на Русија при оваа меѓународна организација во Виена, Михаил Уљанов. „Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, веднаш одговори на поканата на Русија да ја посети нуклеарната електрана во Курск, чија безбедност е загрозена поради непромислените и провокативни постапки на украинската страна“, соопшти Уљанов на својот Телеграм профил. Тој додаде дека Гроси е подготвен да ја посети електраната за да ја процени ситуацијата и дека ова, со оглед на алармантните околности, може да се случи многу брзо.

-Рускиот апелациски суд ја отфрли жалбата на пресудата на првостепениот суд во случајот против постариот наредник од вооружените сили на САД, Гордон Блек, јавија руските медиуми. „Апелацискиот суд одлучи: казната на Окружниот суд во градот Владивосток треба да остане непроменета. Жалбата на адвокатот треба да се отфрли“, наведе судијата во одлуката во врска со случајот. Гордон Блек, 34-годишен постар наредник, беше прогласен за виновен во Русија под обвинение за кражба и упатување закани за убиство. Но, пред тоа, тој прекршил и голем број воени правила на САД со тоа што отпатувал во Русија без дозвола и летал низ Кина за да стигне таму.

-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го определи најновиот дипломатски напор на Вашингтон за постигнување примирје во Газа како „можеби најдобрата, а можеби и последната можност“ за мир и ги повика сите страни да го доведат договорот до успешен крај. Преговорите за примирје се водат веќе неколку месеци и ќе продолжат оваа недела во Каиро, по дводневната средба во Доха минатата недела. Блинкен ќе го засили дипломатскиот притисок за постигнување пробив во преговорите подоцна оваа недела, откако САД минатата недела предложија компромисни решенија кои посредничките земји веруваат дека ќе ги доближат ставовите на завојуваните страни.

-Во епидемијата на колера што го зафати Судан, животот го загубија најмалку 22 лица, додека 354 се заразени, соопшти денеска суданското Министерство за здравство. Светската здравствена организација (СЗО) објави дека годинава во Судан до 28 јули се регистрирани 78 смртни случаи од колера, а од 1 јануари до 28 јули од оваа болест се разболеле повеќе од 2.400 луѓе. Тарик Јашаревиќ, портпарол на СЗО, рече дека епидемијата започнала во источната провинција Касала, пред да се прошири на девет места во пет провинции. Тој истакна дека податоците покажуваат дека повеќето од откриените случаи не биле вакцинирани. Посочи дека СЗО сега работи со суданските здравствени власти за спроведување на вакцинацијата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан