• понеделник, 16 декември 2024
МИА Радио флеш

   10 декември 2024

 

Скопје - Брифинг за степенот на борбената готовност на Армијата за 2024 година пред претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, ќе се одржи денеска во Домот на Армијата во Скопје.

Како што најави Генералштабот на Армијата, пред врховниот командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски, претставниците на Кабинетот на претседателката и генералите во Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски ќе информира за реализацијата на плановите, задачите и состојбата во Армијата во текот на 2024 година.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата ќе потпише договор за инвестиција со „ДМ Бау АГ“, соопшти владината прес - служба.

По потпишувањето на договорот,  премиерот Мицкоски ќе одржи прес-конференција во Медија центарот на Владата. 

Скопје - Здружената иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денеска во Скопје организира протестен марш „За чист воздух“. Протестот започнува во 16 часот пред Министерство за животна средина и ПП, продолжува преку Собранието и завршува пред зградата на Владата. 

-Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух. Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето, наведуваа од Зелен хуман град.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по претежно влажни коловози. Сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања. На патниот правец Шипковица – Попова Шапка има појава на магла со видливост до 40 метри.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Собранието на Република Македонија денеска треба да ја започне 22. седница, на чиј дневен ред се Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите,  Дополнетиот предлог на Буџет на Република Северна Македонија за 2025 година, како и Предлог законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка.

Скопје - Во Собранието се очекува денеска да почне расправата по Дополнетиот предлог на буџет на Република Северна Македонија за 2025 година, како дел од дневниот ред на 22-та седница.

Амандманската расправа за Предлог буџетот заврши на 29 ноември, а во Дополнетиот предлог на буџетот се вградени прифатените амандмани и потребните изменувања и дополнувања. Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание трае најмногу пет дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Скопје - Членови на Комисијата за национална безбедност на Парламентот на Албанија денеска се во посета на Собранието на Република Северна Македонија.

Како што е објавено на веб страната на Собранието, членовите на албанската делегација ќе остварат билатерални средби со Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање и со Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска ќе има средба со делегација од германскиот Бундестаг.

Како што е објавено на веб сајтот на Собранието, членовите на Бундестагот ќе остварат средба и со Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија. 

Скопје - Предлог одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Целта на предложената одлука е соодветна реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на подобрена реализација на Буџетот за 2024 година, стои во образложението на Владата. 

Скопје - Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за културата во второ читање е на дневен ред на денешните седници на Комисијата за култура и туризам и на Законодавно - правната комисија.

Членовите на Законодавно - правната комисија ќе ја разгледаат и Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите во второ читање.

Скопје - Во канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје денеска ќе бидат презентирани податоците за почитувањето на начелото на недискриминација и соодветна и правична застапеност за 2023 година.

Потатоците ќе ги презентира народниот правобранител Насер Зибери.

Скопје - Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, со поддршка на Владата на Швајцарија, денеска организираат годишна конференција за децентрализација и локално управување, на тема „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.

Како што соопшти Министерството, клучни теми на кои ќе се разговара на конференцијата се реформата на локалната самоуправа – промени за поефикасни, одговорни и отчетни локални власти, дигиталната трансформација на локално ниво и интегрирано стратешко планирање на национално и локално ниво.

Скопје - Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска на свеченост на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј, симболично на Денот на потпишувањето на Универзалната декларација за човекови права -  10 Декември.  

Хелсиншкиот комитет информира дека во изминатите три децении  ја следи и работи на унапредувањето  на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош на сите маргинализирани и ранливи категории граѓани, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите права и слободи.

Скопје - Конференција за превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство, ќе се одржи денеска во Собранието, организирана од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. 

Најавени се воведни обраќања на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани, извршната директорка на Македонското женско лоби, Даниела Димитриевска, претседателката на Европското женско лоби - ЕЖЛ, Илиана Балабанова, која ќе се вклучи со видеопорака, и Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и член на Извршниот комитет на Европското женско лоби.

Скопје - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска во Скопје ќе ја промовира Мрежата на жени во медиумите.

- По шест месеци координација, состаноци и обуки, новинарки и медиумски работнички ја подготвија структурата, мисијата и визијата на Мрежата, како и целите за нејзиното идно дејствување, велат од ССНМ.

Проектните координаторки и членовите на координативното тело на Мрежата ќе ги презентираат наодите, потребата, нивното искуство во регрутирање на членки, како и процесот на иницирање и создавање на мрежата.

Скопје - Агенцијата за остварување на правата на заедниците по повод 10 Декември - Денот на човекови права организира манифестација со наслов „Различностите нè зближуваат“.

Манифестацијата ќе се одржи вечер во Културно информативен центар – Скопје.

Како што најавуваат од Агенцијата, на манифестацијата ќе учествуваат високи претставници од Владата на Република Северна Македонија и членови на дипломатскиот кор во земјата. 

Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „Мето Јовановски“ за 2024 година - највисоко признание за долгогодишни остварувања во промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. 

Годинава наградата ќе им биде доделена на Здружението на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ - Скопје и на активистката Лила Милиќ од „Трансформа“.

Скопје - По повод Меѓународниот ден на човековите права, во „Јавна соба“ денеска  ќе биде промовирана онлајн-играта „Навигатор“ - интерактивна и едукативна платформа чија цел е да ги едуцира младите и јавноста за човековите права.

Настанот го организира Делегацијата на Европската Унија во нашата земја и Јуроп хаус во партнерство со Обединетите нации и Министерството за образование и наука, и во соработка со гејминг здружението „Галактик Омнивор“ и Македонското здружение на млади правници.

Брисел - Човековите права се законска, морална и активна универзална гаранција за човештвото и се од суштинско значење за човековото достоинство, еднаквост, демократија, мир и одржлив развој. Мирот и просперитетот, како и постигнувањето на целите за одржлив развој одат рака под рака со почитувањето на владеењето на правото и на човековите права, се наведува во пораката на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод Денот на човековите права – 10 декември.  

Белград - Вкупно 33 факултета во Србија се блокирани, јавија српските медиуми. Во Белград, Ниш, Нови Сад и Крагуевац блокирани се вкупно 33 факултети, а студентските протести како лавина се шират и секој ден се се поголеми, јави ТВ Нова.  

Студентите на факултет низ Србија деноноќно протестираат барајќи одговорност за жртвите од трагедијата во Нови Сад и објавување на комплетната документација за реконструкција на железничката станица.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека тој не е Асад и дека нема да бега никаде.
„Дури и да мислите дека сум Асад, па ќе побегнам некаде - НЕ СУМ“, објави Вучиќ доцна синоќа.

„Жив сум, цел живот живеам овде во Србија, благодарен сум на мојата Србија, ќе останам овде, ова е моето место каде ќе завршам. Ќе се борам за Србија и ќе му служам само на мојот, на српскиот народ и на сите други граѓани на Србија, никогаш на странците, никогаш на оние кои сакаат да ја поразат, понижат и уништат Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ќе престојува во Германија каде со канцеларот Олаф Шолц ќе разговара за експлоатацијата на литиумот, пренесе Бета.

Вучиќ и Солц ќе ја посетат провинцијата Саксонија, каде ќе разговараат со шефот на саксонската управа за рударство, Бернард Крамер, соопштија од Кабинетот на претседателот на Србија.

Во градот Фрајберг (Фрајберг), каде што се наоѓа седиштето на Саксонската рударска управа, ќе присуствуваат и на презентација на планот за ископ на литиум во рамките на проектот Zinnwald lithium GmbH, се вели во најавата.

Софија - Претседателот на БУгарија, Румен Радев денеска ги започнува консултациите со пратеничките групи во новиот парламент, соопшти прес-службата на шефот на државата.

Радев претпладнево ќе има средби со претставници на ГЕРБ-СДС и подоцна со „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“.

Загреб - Хрватското МВР објави дека повеќе нема да прифаќа барања за меѓународна заштита и азил за државјани на Сирија, објави загрепски Вечерњи лист.
Истакнувајќи дека сириските граѓани се најранливите баратели на азил, весникот наведува дека барањата на Сиријците нема да бидат прифатени додека не се постигне договор на ниво на Европската унија.
„Тоа значи дека сириските граѓани кои доаѓаат како мигранти и бараат азил повеќе нема да смеат да влезат во Хрватска“, прецизира весникот.

Њујорк - Постојаните претставници на земјите членки на Советот за безбедност на ОН учествуваа на состанок зад затворени врати посветен на ситуацијата во Сирија.
По средбата, постојаниот претставник на Русија, Василиј Небензија, рече дека „Советот, барем така мислам, беше повеќе или помалку обединет околу потребата да се зачува територијалниот интегритет и единство на Сирија, да се обезбеди заштита на цивилите, гарантира пристап до хуманитарна помош“.

Лондон - Поранешниот сириски претседател Башар ал Асад е во Москва и доби азил во Русија. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин лично му дал азил на Асад.
„Се разбира, таквите одлуки не можат да се носат без шефот на државата. Тоа е негова одлука“, рече Песков, но не одговори на прашањето каде точно се наоѓа Асад.

Во однос на можноста за контакти меѓу Путин и поранешниот претседател на Сирија, според Песков, „таква средба во официјалниот распоред на претседателот нема“.

Брисел - Годинава во светот се убиени 104 новинари, а повеќе од половина од нив загинале во Газа, покажуваат денеска објавените податоци од Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ).
По 129-те смртни случаи регистрирани во 2023 година, „2024 е една од најлошите години“, рече генералниот секретар на ИФЈ, Антони Беланже.

Според ИФЈ, од почетокот на оваа година биле убиени 55 палестински медиумски работници.

Лондон - Министрите за внатрешни работи на Велика Британија, Германија, Франција, Холандија и Белгија денеска во Лондон ќе разговараат за соработка во областа на криминалните мрежи поврзани со илегалната имиграција во Европа. Земјите ја формираат таканаречената Група од Кале.  На состанокот ќе присуствуваат и претставници на Европската комисија, европската полициска агенција Европол и агенцијата за заштита на надворешните граници на ЕУ Фронтекс.

Милано - Поранешниот шеф на Европската централна банка и италијанската влада, Марио Драги, предупреди дека постои лидерски вакуум во Европа, што произлегува од ослабеното лидерство во Франција и Германија.

„Француско-германското раководство е ослабено“, нагласи поранешниот италијански премиер Драги на церемонијата на доделување награди во Милано.

Орландо - Унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск на имотот на Трамп Мар а Лаго во Флорида.

Орбан објави краток коментар за средбата на социјални мрежи, но не навлезе во детали. На средбата присуствувал и Мајк Волц, кој ќе му биде помошник за национална безбедност на Трамп. На средбата присуствуваше и унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто.

Москва - Германско-руски државјанин е уапсен од руската полиција поради наводна подготовка за „саботажа“ на железничка линија по наредба од Киев, соопштија денеска од руското ФСБ. 

Мажот, роден во 2003 година, е обвинет дека „подготвувал саботажа на дел од железничката пруга во градот Нижни Новгород со експлозивна направа“ во замена за „финансиска награда“ од украинската безбедносна служба СБУ, се вели во соопштението на ФСБ.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден бара начини да стапи в контакт со сириските бунтовнички групи што го соборија сирискиот претседател Башар ал-Асад и им се обраќаат на партнерите во регионот, како Турција, за помош во започнувањето неформална дипломатија, рече портпаролот  на Стејт департментот, Метју Милер.

Њујорк - Њујоршката полиција  го уапси Луиџи Манџоне (26) во Алтуна, Пенсилванија, осомничен за убиството на извршниот директор на „Јунајтед Хелт“, Брајан Томпсон во Њујорк, изјави комесарката на њујоршката полиција Џесика Тиш.

Таа рече дека кај Мангионе бил пронајден рачно изработен пиштол со придушувач што одговара на оружјето што се користело за пукање во Томпсон (50).

Тајпеј - Кина ја распоредува својата најголема поморска флота во регионалните води во изминатите речиси три децении, а заканата за Тајван е поизразена отколку во случајот со претходните кинески воени вежби, објави денеска тајванското Министерство за одбрана.

Дамаск - Сириските бунтовници ќе објават список на највисоките претставници на режимот на Башар ал Асад вклучени во тортура против народот. Тоа го соопшти лидерот на бунтовниците Ахмед ал Шарех, чиј воен прекар е Абу Мохамед Ал Џаулани.

Ал Шарех објави на Телегхран дека неговите сили ќе понудат награда за секој што ќе даде информации за високи членови на сириската армија и сириските безбедносни служби вклучени во воени злосторства.

Остани поврзан